МОЌЕН ГОВОР НА САША БАРОН КОЕН ЗА ФЕЈСБУК: И Хитлер ќе можеше да се рекламира на оваа платформа (ВИДЕО)

Фото: Принтскрин

Ако Фејсбук постоеше во 30-тите години, би му дал простор на Хитлер за да ги рекламира своите антисемитски убедувања, порача британскиот комичар Саша Барон Коен, во својот моќен говор, критикувајќи го Фејсбук, но и Твитер, Гугл и Јутјуб.

Одржувајќи говор на самитот „Никогаш е сега“ во организација на Лигата против клевети, комичарот го критикуваше основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, кој во октомври го бранеше ставот на неговата компанија да не ги забрани политичките реклами што содржат лаги.

– Ако му платите, од Фејсбук ќе ја емитуваат која било „политичка“ реклама што сакате, дури и ако е лага. И дури и ќе ви помогнат да ги микротаргетирате тие лаги до нивните корисници за максимален ефект. Според оваа извртена логика, ако Фејсбук постоел во 30-тите години, ќе му дозволел на Хитлер да споделува 30-секундни реклами за неговото „решение“ за „проблемот со Евреите“ – истакна Барон Коен.

Тој додаде дека е време за фундаментално преиспитување на социјалните мрежи и на тоа како тие шират омраза, заговори и лаги. Тој исто така го доведе во прашање оценувањето на Закерберг за Фејсбук како бастион на „слободно изразување“.

– Мислам дека сите може да се согласиме дека не треба на нетолерантните и педофилите да им даваме бесплатна платформа за зајакнување на нивните ставови и таргетирање на нивните жртви – рече тој.

Сите се под сѐ поголем притисок за справување со ширењето на дезинформации поврзани со политичките кампањи.

Од Твитер“минатиот месец соопштија дека од 22 ноември ги забрануваат сите политички рекламирања. Неодамна од „Гугл“ рекоа дека нема да дозволат оние што објавуваат политички реклами да ги таргетираат гласачите со користење на микротаргетирањето засновано на податоците за пребарување или други фактори.

Аналитичарите велат дека Фејсбук е под сѐ поголем притисок да ги следи чекорите на другите гиганти.

Од компанијата истакнаа дека Барон Коен погрешно ги прикажал нивните политики и дека говорот на омраза е забранет на нивните платформи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот