Фото: Принтскрин/Инстаграм

„Моите внуци ја чуле приказната дека сум била маж“: Брижит Макрон доби поддршка од ќерката за сексистичкото сајбер вознемирување

Ќерката на првата дама на Франција се жали пред суд на влошување на здравјето на нејзината мајка.

Тифен Озиер, ќерката на Брижит Макрон, сопругата на францускиот претседател, која е цел на дезинформации дека е родена како маж, денеска изрази жалење за „влошувањето на здравјето на нејзината мајка“ на вториот ден од судењето за кибермалтретирање против првата дама на Франција, објави lemonde.fr.

Вчера во Париз започна дводневно судење против десетмина обвинети за сексистичко сајбер вознемирување на првата дама. Осум мажи и две жени се судат во Кривичниот суд во Париз.

„Сопругата на шефот на државата е принудена да внимава на облеката што ја носи, на држењето на телото, бидејќи знае дека нејзиниот имиџ може постојано да се злоупотребува“, рече нејзината ќерка Тифен, 41-годишна адвокатка, за време на нејзиното сведочење пред Кривичниот суд.

Отсуствувајќи од судењето, Брижит Макрон им кажа на истражителите дека гласината имала „многу силен ефект“ врз нејзината околина и врз неа, додавајќи дека нејзините внуци исто така ја слушнале приказната дека „нивната баба била маж“.

Делфин Ј. (51), позната под псевдонимот Амандин Рој, која се претставува како медиум, новинарка и информатор. Таа одигра голема улога во ширењето на гласините дека Брижит Макрон, родена како Троње, всушност била трансродова жена по име Жан-Мишел по раѓањето. На судењето, таа го искористи своето право да молчи.

Судењето доаѓа пет месеци откако брачната двојка Макрон поднесе тужба за клевета во САД по гласините дека сопругата на францускиот претседател е родена како маж.

Обвинетите дадоа разни навредливи коментари за Брижит Макрон на социјалните мрежи во врска со нејзиниот „пол и сексуалност“, дури и изјавија дека поради големата разлика во годините меѓу сопружниците, постои можност за „педофилија“.

Меѓу обвинетите е и публицистката Орелиен Поарсон-Атлан, позната на социјалните мрежи под псевдонимот „Зои Саган“. Нејзиниот X профил сега е забранет.

Француските медиуми претходно објавија дека во текот на изминатите четири години, гласините дека сопругата на претседателот е маж продолжиле да се шират.

Оние гласини што ги ширеа во Франција теоретичарите на заговор блиски до екстремно десничарските кругови, го преминаа и Атлантикот. Во САД, тие ги презеде инфлуенсерката Кандис Овенс, која го поддржува претседателот Доналд Трамп.

Овој судски случај во Франција доаѓа во услови на зајакната законска рамка против онлајн насилството. Судските власти повторија дека сексистичкото кибермалтретирање е кривично дело, без оглед на статусот на лицата што ги засега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот