МОЕ ЛЕТО | Каја Шукова: Сопругот ми е љубов од средношколските денови, се најдовме по две децении
Мајка е на две полнолетни ќерки, живее во втор брак, а за нејзиниот сегашен сопруг, вели дека и е прва љубов од средношколските денови. Таа е скопјанка, отсекогаш сакала и чувала мачки, но денес нејзин миленик е малтезерката Дива, со која секојдневно го чувствува Скопје со сите негови доблести и мани. Првите одмори ги памети уште од најраната возраст, најчесто низ камповите во Грција. Благодарение на работата патувала често, била во САД, Индонезија … но кампот за неа е најубавиот одмор и најубавото место, открива за „Мое лето“, Каја Шукова, поранешна министерка за животна средина и актуелна кандидатка за градоначалничка на Скопје.
Препорачано
Детството го поминала во Тафталиџе каде што и денес се навраќа многу често. Сочувала пријатели од тоа време и одвреме-навреме, како што вели, знаат да се сретнат и да се присетат на убавите времиња, кога оваа населба била полна со дрвја низ дворовите.
-Да, имам пријатели од тоа време, со кои кога денес ќе се сретнеме се присетуваме на тоа Тафталиџе, кога во секој двор имаше дрво со овошки, па се качувавме по дрвата и крадевме сливи. Ја паметам и тетка Зулфа, беше готвачка во градинката во Тафталиџе 1. И секој викенд ни правеше нешто, или ни правеше мекици или ни правеше пита. И тогаш сите деца од маалото се собиравме кај тетка Зулфа – вели Шукова.
Шукова е во втор брак со сегашниот сопруг, открива дека тој и бил младешка љубов која се остварила по две децении.
-Мојот втор сопруг е мојата прва љубов, уште од средношколските денови. Се запознавме во Гевгелија, од каде што имам потекло и за време на распустот одев многу често. Нашите патишта се разотидоа и после 20-25 години се сретнавме и започнавме да се гледаме, и двајцата оставивме зад себе неуспешни бракови. Сега сме веќе 15 години заедно. И тој има две деца од првиот брак, како и јас. Се сеќавам на почетокот кога и децата беа мали одењето на одмор со четири деца беше вистински предизвик, моравме да најдеме најдобар начин да ги споиме, а дополнително грижата дали се сите на број во еден милионски град како Барселона, беше многу голема одговорност – вели таа.

Утринското кафе во камп е највкусно
Камперскиот живот им го пренесува и на децата со радо срце, како што и на неа и нејзината помала сестра им го пренеле родителите.
-Ние сме кампери. Моите родители уште од најрана возраст нè носеа мене и мојата сестра во камп на лето. Од бебе ме носеле родителите на камп во Грција. Јас сум научена на таков одмор и искрено највеќе ми одговара, па некако и на моите деца им го пренесов тој начин на одмор. Го обожавам утрото во кампот и првото испиено кафе во таква тишина, мир и спокојство. Каде што одиме ние во тие кампови има многу Македонци, имам одлични комшии и многу убаво се дружиме – раскажува таа.
Погледнете ја новата епизода на „Мое лето“на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


