МНР најде авиокомпанија што ќе ги носи дома нашите од Блискиот Исток – ќе треба да почекаат уште само до недела
„Завршувањето на постапката за јавна набавка претставува потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита и грижа за македонските граѓани“, велат од МНР
Евакуацијата на стотици македонски државјани од земјите од Блискиот Исток со комерцијални чартер-летови, конечно ќе започне во недела, соопшти МНР информирајќи дека е склучен договор со авиокомпанија.
Препорачано
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија попладнево склучи договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка. Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање“, соопштија од Министерството.
„Завршувањето на постапката за јавна набавка претставува потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита и грижа за македонските граѓани“, се наведува во соопштението.
Недела, 8 март, ќе биде осмиот ден од почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран, по кои имаше серија возвратни ирански напади врз земјите кои се американски сојузници на Блискиот Исток. Некои од државите од регионот, како Србија и Црна Гора, организираат авиони со кои нивните државјани се враќаат дома уште од пред неколку дена, а на дел од тие летови се качија и Македонци.
Согласно последните податоци, заклучно со денес, Амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација.
Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.


