Димитриеска-Кочоска на завршна средба со ММФ / Фото: Министерство за финансии

ММФ очекува повисока инфлација и послаб раст, на Владата ѝ препорачува да внимава

Планираните три проценти инфлација во Македонија од страна на Владата ќе бидат надминати, проценуваат експертите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кои се сретнаа со владини претставници. Новите проекции доаѓаат откако се разви кризата предизвикана од нападот на САД и Израел врз Иран. Цените на нафтата ќе предизвикаат шок кој се очекува да влијае негативно врз растот на економијата и повторно да создаде инфлаторни притисоци.

„Реалниот раст на БДП се очекува да се намали на 3,1% во 2026 година и на среден рок да се стабилизира околу потенцијалното ниво од 3%. Во исто време, повисоките глобални цени на нафтата се очекува да ја зголемат инфлацијата на околу 4,5% во 2026 година, што отвора прашања за достапноста на енергијата“, велат од делегацијата на ММФ.

Од ММФ предупредуваат дека фискалната стабилност и довербата на пазарите може да се наруши поради отстапувања од фискалната дисциплина, посебно поради ад хок зголемувања на платите и пензиите, како и пречекорување на трошоците кај големи инфраструктурни проекти.

„Мисијата ја поздравува определбата на властите да го намалат буџетскиот дефицит на 3,5% од БДП во 2026 година. Ова ќе помогне да се создадат фискални резерви за справување со шокови и ќе ја поддржи дезинфлацијата во услови на фиксниот девизен курс. Сепак, без конкретни мерки во даночната политика и администрација, планираните зголемувања на приходите можеби нема да се реализираат, што би можело да доведе до дефицит од 4,2% од БДП“, велат од делегацијата на ММФ.

Овие дополнителни 0,7 процентни поени буџетски дефицит значат дополнителен јавен долг од скоро 128 милиони евра или наместо 638 милиони, 766 милиони евра за 2026 година.

За до ова да не дојде, од ММФ велат дека ќе треба построго да се контролира тековната потрошувачка, особено за пензии, плати и стоки и услуги, како и намалување на даночните ослободувања од ДДВ. Од ММФ препорачуваат таргетирана поддршка на домаќинствата поради енергетскиот шок, бидејќи општите субвенции, вклучително и општите даночни намалувања, се неефикасни и регресивни. Привременото намалување на ДДВ треба постепено да се укине. Ранливите категории треба да се поддржат преку постојните социјални програми, кои се релативно добро насочени во Македонија, но нивниот опфат и адекватност можеби треба да се подобрат. Дополнителните приходи од ДДВ поради повисоките цени на горивата може делумно да ги покријат трошоците, проценува ММФ.

Димитриеска Кочоска ни порачува да спиеме мирно – на Владата ништо не ѝ било поважно од стандардот на граѓаните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот