Младите од Карпош сакаат да одлучуваат и дејствување на локално ниво

Младите од Карпош сакаат да бидат вклучени во сите процеси на одлучување и дејствување на локално ниво. Високи 60 отсто од нив сметаат дека можат да понесат лична одговорност, и со ангажман и акција да променат нешто. Исто така, 53 отсто од младите досега имаат волонтирано, а мотивација за тоа е што сакаат да помогнат на поединец или на група на луѓе. Ова го потврдува истражувањетo: „Потреби на младите на локално ниво – младински локални банки”, подготвено од младинската организација „Младите можат”, кое беше поддржано од Амбасадата на САД во Скопје, соопштија од Општина Карпош.

По однос на ова тема денеска се одржа онлајн презентација на ова истражување кое ги опфати општините Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром. На хибридниот настан учествуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој ги коментираше резултатите од анализата и ги афирмираше проектите на локалната самоуправа поврзани со младите.

– Ме радува фактот што младите се задоволни од парковите и зелените површини, и апсолутно, ова се областите на кои уште повеќе продолжуваме со работа. Голем дел од испитаниците како главен проблем ги истакнуваат агресивните кучиња – скитници. И ова е реалност! Во таа насока, како општина доделуваме два милиони денари на градското ЈП „Лајка” за да работи на мапирање и хуман третман на кучињата, рече Богоев.

Сепак, високи 73,8 отсто од младите луѓе во Карпош сакаат да ја напуштат нашата земја. Тие генерално се задоволни од случувањата во општината, локалните проекти и слично, но ова е прашање кое опфаќа поширок контекст.

– Овој податок е разочарувачки за мене како млад градоначалник, како личност која во изминатите години значително работеше на оваа проблематика заедно со целиот младински сектор. Но, ако имате ситуација со владеење на правото како што имаме овие денови – не можеме да очекуваме дека младите ќе сакаат да живеат тука, кога гледаат како функционира правниот систем. Младите мора да очекуваат правна стабилност, за да вложуваат во себе, да инвестираат во свој бизнис, во идеја. Но, за тоа да се случи потребна е сигурност и почитување на законите, истакна градоначалникот Богоев.

Во општина Карпош со истражувањето беа опфатени 168 млади луѓе, а организацијата „Младите можат” вклучи и фокус група, со цел да се добијат уште порелевантни одговори

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот