Деспина Сиљаноска / Фотографија: Диме Данов

Младата поетеса Деспина Сиљаноска е победник на петтата „Отскочна даска“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје на 3 април се одржа петтото издание на „Отскочна даска“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети.

На настанот читаа единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 30 години. Бројната публика имаше можност да ги слушне: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.

По читањето, самите поети учесници, со гласање во два круга, ја одбраа Деспина Сиљаноска од Прилеп како најдобрата меѓу нив, па таа ќе отскокне до официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе настапи заедно со другите учесници во официјалната програма.

– Ја посведочивме можеби најубавата „Отскочна даска“ досега! „Буква“ беше преполна, а младите поети беа прекрасни на сцената. Беше вистинско уживање да се слушне и види начинот на кој ги интерпретираа своите песни, начинот на кој умешно комуницираа со публиката и се претставија како искусни поети со актерска умешност – изјавија од фестивалот.

„Отскочна даска“ во „Буква“ / Фотографија: Диме Данов

Дополнително, по повод овој минијубилеј, беше најавено и дека во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, ќе биде објавена и панорама во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на „Отскочна даска“ изминативе пет години.

Изданието ќе се промовира непосредно пред официјалното отворање на фестивалот, на 7 мај, од 18 часот, во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, со читање на кое ќе бидат поканети да настапат сите млади автори застапени во панорамата. Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај на повеќе локации во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот