Богатство откриено во Вилена - Фото: Инстаграм/periodico_de_villena

Мистерија стара 3.000 години – како „вонземски“ метал завршил меѓу богатството од бронзеното доба?

Скриени меѓу ризницата од блескави златни предмети од ибериското бронзено доба, два необични артефакти би можеле да бидат најскапоцените од сите. Истражувачите откриле дека една темна нараквица и една ’рѓосана шуплива капа украсена со злато не се изработени од метал од Земјината кора, туку од железо со потекло од метеорити кои паднале од небото.

До ова откритие дојде тим предводен од Салвадор Ровира-Љоренс, сега веќе пензиониран шеф на конзервација во Националниот археолошки музеј на Шпанија, а резултатите беа објавени во научен труд во 2024 година. Овие наоди сугерираат дека технологијата и техниките за обработка на метал на Ибериското Полуостров пред повеќе од 3.000 години биле значително понапредни отколку што се веруваше претходно.

„Богатството од Вилјена“, како што се нарекува оваа збирка од 66 предмети (главно изработени од злато), беше откриено пред повеќе од 60 години, во 1963 година, на подрачјето на денешен Аликанте во Шпанија. Оттогаш се смета за еден од најважните примери на златарското занаетчиство од бронзеното доба на Ибериското Полуостров, но и во цела Европа.

Сепак, точното одредување на староста на оваа колекција со децении беше отежнато токму поради двата спорни предмети: малата шуплива капа за која се претпоставува дека била дел од жезло или дршка на меч, и една нараквица. Двата предмети изгледаат како да се направени од обично железо, капа има дијаметар од 4,5 сантиметри, а нараквицата 8,5 сантиметри, пишува „Саенс алерт“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by NUMISMARTE (@numismarte)

На Ибериското Полуостров, железното доба, периодот кога употребата на железото почнала да ја заменува бронзата, започнало најрано околу 850 година пред новата ера. Од друга страна, златните предмети од оваа ризница се датирани во периодот меѓу 1500 и 1200 година пред новата ера. Поради ова, за научниците беше вистинска загатка како овие два „железни“ предмети се вклопуваат во контекстот на Богатството од Вилјена.

Сепак, рудата од Земјината кора не е единствениот извор на железо што може да се обработува. Ширум светот постојат бројни предмети од периодот пред железното доба кои се изработени од материјали со метеоритско потекло. Можеби најпознат пример е бодежот на фараонот Тутанкамон, изработен токму од метеорит, но постојат и други оружја од бронзеното доба направени од овој материјал, кој во тоа време бил исклучително ценет и сметан за подарок од боговите.

Постои јасен начин да се направи разлика: железото од метеоритите содржи значително повеќе никел отколку железото што се ископува од Земјата.

Истражувачите добија дозвола од Градскиот археолошки музеј во Вилјена, каде што се чува колекцијата, внимателно да ги испитаат двата артефакти. Тие зедоа мали примероци за да го утврдат нивниот точен хемиски состав.

И покрај високиот степен на корозија, која со векови го менувала елементарниот состав на предметите, резултатите покажале дека и капа и нараквицата се дефинитивно изработени од метеоритско железо.

Со ова конечно е решена дилемата, двата предмети настанале во истиот период како и остатокот од збирката, односно помеѓу 1400 и 1200 година пред новата ера.

„Достапните податоци сугерираат дека капата и нараквицата од Богатството од Вилјена во моментов ги претставуваат првите два предмети на Ибериското Полуостров кои можат да му се припишат на метеоритското железо“, наведуваат истражувачите во својот труд објавен во списанието „Trabajos de Prehistoria“.

Сепак, поради тоа што предметите се силно кородирани, научниците најавуваат дека во иднина ќе применат уште понови, неинвазивни методи за да добијат уште подетални податоци и дополнително да го потврдат ова епохално откритие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот