Министерството за здравство им токми пријави на Венко Филипче и на Беким Сали за модуларните амбуланти

Министерството за здравство ќе поднесе пријави за Венко Филипче, Беким Сали и фирмата изведувач ќерка на „Брако“, поради пропусти кои што се констатирани со внатрешната ревизија на Министерството, а кои се поврзани со трите модуларни амбуланти што се изградени и предадени и кои веќе се користат во Бутел, Ново Лисиче и Ѓорче Петров, дознава „Слободен печат“ од свои, доброупатени извори, високопозиционирани во министерството.

Правната служба на Министерството веќе добила насоки и бара начин за модусот на кој ќе го изврши пријавувањето. Се мислат дали да поднесат кривична пријава против екс-министрите и изведувачот, или пак, само да достават известување до Обвинителството.

Причината за пријавата е тоа што внатрешната ревизија констатирала пропусти во однос на тоа што бил склучен анекс на првиот оригинален договор, на начин на кој што тоа не би смеело да се прави. Ревизорот открива бројни пропусти и непочитување на Законот за јавни набавки па поради тоа екс-министерот за здравство Беким Сали решил да не ги плаќа амбулантите. Но, тие се во употреба и изведувачот си ги бара парите на суд. Изминативе три дена Сали и Меџити се препукуваат за тоа кој е крив што амбулантите мора да се платат и дали се платени. До сега Министерството нема исплатено ни денар за нив, ама насоки од вВадата да склучи спогодба со фирмата ќерка на „Брако“ добиле уште на 11 јули годинава.

Јасен потврден одговор од Министерството официјално нема, ама „Слободен печат“ овие информации ги доби од неофицијални извори доброупатени со сите процедури и моментални текови во Министерството.

„Се анализира правната можност за покренување постапка околу непостапувањето од страна на Министерството за здравство, по примањето и одобрувањето на модуларните амбуланти за Здравствен Дом Скопје со што се генерирал долг и камата. МЗ останува транспарентно и на располагање на институциите за какви било постапки во кои може да помогне“, велат од МЗ за „Слободен печат“.

Ревизијата на Министерството за здравство што ја нарача екс-министерот Беким Сали покажа дека од страна на тогашниот министер Венко Филипче бил прифатен основен проект за замена на времените амбуланти без елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Откако изгоре модуларната болница во Тетово, се пристапило кон воведување на елаборат против пожар во амбулантите во Скопје кои што веќе беа почнати. По истекот на рокот за фактичка изведба од два месеци, на најмалку две амбуланти, кој истекол на 16.10.2021, се пристапило кон комплетирање на документацијата, односно се прибавил елаборатот за заштита од пожари, експлозии и опасност од опасни материи, која што првично требала да биде составен дел од претходно прифатените основни проекти за трите амбуланти.

Потоа се склучил анекс договор со кој што според ревизорскиот извештај, се смениле условите предвидени во тендерската документација на постапката спротивно на Законот за јавни набавки. Во фазата на реализација на договорот, не е дозволено менување на условите односно договорните страни се обврзани договорот да го реализираат во согласност со условите утврдени во тендерската документација и избраната најповолна понуда. Сепак, се склучил анекс на договорот за јавна набавка на 20.12.2021 година, во кој се додал нов став во вториот член од основниот договоро, а вредноста се зголемила за 15.6 проценти во цената, односно 243.967.211 денари со ддв.

Од друга страна пак, Владата му дала насоки на Министерството за здравство да склучи спогодба со изведувачот, фирма ќерка на „Брако“ и да ги исплати амбулантите, а за возврат „Брако“ да се откаже од побарување на каматите кои доспеале до 200 илјади евра. Наши извори во Министерството за здравство се уверени дека „Брако“ ќе ја добие судската постапка, доколку продолжи судскиот спор, за кој рочиште има во септември, поради тоа што амбулантите се користат а не му се платени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот