Весна Јаневска - министерка за образование / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Министерството за образование со професорите ќе ги расправа измените на Законот за високо образование

Министерството за образование и наука (МОН) од денеска започнува со посети на универзитетите низ земјава во рамки на јавната расправа за новиот Закон за високо образование.

Како што најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, целта на посетите е да се отвори директен дијалог со академската заедница и да се слушнат сите забелешки, предлози и сугестии во однос на законското решение.

„Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме“, рече Јаневска.

Министерката очекува официјални забелешки од Универзитетите за Законот за високо – немаме време за потпросечни резултати

Посетите ќе опфатат повеќе државни и приватни универзитети, а по завршувањето на јавната расправа се очекува финализирање на текстот на Законот за високо образование, кој потоа ќе биде доставен во собраниска процедура.

Досега, откако првични текстови за предлог-законот беа ставени на ЕНЕР, се појавија некои реакции од академската и стручна јавност, особено откако Јаневска зборуваше за „мултикултурни студии“ и рече дека „постојат бројни такви студии на сите јавни универзитети кои постојано објавуваат некакви студиски програми, а им се запишуваат 3 или 5 студенти, што е неиздржливо“.

Од програмата Меѓународни и интеркултурни студии (МИС) дадоа свои аргументи за оправданост на програмата, а упатените критики ги карактеризираа како „деструктивни“.

„Во ситуација во која, високото образование се соочува со хиперпродукција на монолитни дипломи, дипломирани студенти без никакво искуство и високо образование кое е на дното на сите параметри на академски напредок на светско ниво, деструктивно е токму вакви студентски програми да се критикуваат. Напротив, интердисциплинарноста и квалитетот на студирање на МИС, се вредности кои треба да се стимулираат во скоро сите веќе постоечки студиски програми“, забележаа оттаму.

Деструктивно е да бидеме критикувани, реагираат студенти по Меѓународни и интеркултурни студии по изјавите на министерката Јаневска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот