Министерот Лога и Стојков од ОМО Илинден Пирин разговараа за репресијата на Македонците во Бугарија
Министерот за правда Кренар Лога и Стојко Стојков, копретседател на здружението ОМО Илинден Пирин денеска во Скопје разговараа за статусот и правата на Македонците во Бугарија.
Препорачано
Во соопштението од Министерството за правда се наведува дека Стојков му изразил благодарност на Лога за неговиот интерес за правата на Македонците во соседната земја и посочи дека тој е првиот министер за правда што ги повикал на разговор.
На средбата дискутирале и за годишниот извештај на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во кој е посочено дека Република Бугарија не ја спроведува пресудата за основните човекови права на слободно здружување која ОМО Илинден Пирин не може да ја реализира и да се регистрира. Министерството најавува дека за неспроведувањето на 14-те пресуди на судот во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија ќе бидат информирани меѓународните фактори.
Официјална Софија не го признава постоењето на Македонците како народ, а со тоа и постоењето на македонското малцинство во земјата, кое не може слободно да ги остварува своите малцински права, да се здружува, да регистрира здруженија или политички партии, да се попишат како Македонци, да учат на македонски јазик итн.


