Минчев најави крај на партиските вработувања – клучни предуслови ќе бидат стручност, заслуги и интегритет
Еден од клучните приоритети и важен предуслов во процесот на европската интеграција на државата е реформата на јавната администрација, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој ја нагласи отчетноста како клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните.
Препорачано
-Јавната администрација претставува еден од клучните столбови на евроинтегративниот процес. Без ефикасна, стручна и одговорна администрација, која е во состојба да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да го затвориме ниедно од преговарачките поглавја, истакна Минчев.
Најави поодговорна и поискусна јавна администрација, која навистина ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат. Реформите како што рече предвидуваат заштита од корупција и политички влијанија, преку конкретни мерки, меѓу кои граѓаните добиваат подеднакви шанси за вработување, базирано на компетенции, без потреба од „врски“ или партиски позадини.
-Овие реформи се темелат на принципите на стручност, заслуги и интегритет. Тие гарантираат дека секој административен службеник ќе биде избран, унапреден и оценуван според својот професионален капацитет и личен квалитет – а не според политички или други влијанија, потенцира тој.
Предизвик, според министерот, останува континуираното работење на модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.
-Министерството за јавна администрација, согласно нашите надлежности и приоритети, активно работи на неколку клучни реформски процеси, со цел да ја зајакнеме стручноста, отчетноста и функционалноста на администрацијата, но и да изградиме институционален систем што ќе биде вистински сервис на граѓаните, посочи тој.
Нагласи дека во рамки на тековната Стратегија за реформа на јавната администрација, посебен фокус е ставен на професионализацијата на администрацијата.


