Минчев - Меџити /Фото: Слободен печат, Фејсбук

Минчев ја разобличи лагата на Меџити за вработување во администрацијата на 2.000 до 3.000 Албанци

На прашање на „Слободен печат“ до министерот за јавна администрација Горан Минчев дали е реална најавата на Меџити, ако се знае дека е потребно кратење на администрацијата, тој ја оцени како класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.

Масовното вработување на дури 2.000 до 3.000 Албанци во јавната и во државната администрација, најавено од првиот вицепремиер Изет Меџити, се сведе на 1.500 вработувања во здравството, што неговиот колега од Вреди, министерот за здравство Арбен Таравари, ги најавува уште од јуни лани. Меџити помпезно најави дека за една година ќе вработат повеќе Албанци во администрацијата отколку ДУИ во два мандата, но и дека ќе ги унапредат веќе вработените за да земаат поголеми плати, а потоа ретерираше откако министерот за јавна администрација Горан Минчев му порача да не тера популизам и да не се однесува како Алиса во земјата на чудата со нереални и неостварливи ветувања. За најавата за масовни вработувања на Албанци во администрацијата реагираше и опозицискиот СДСМ.

Меџити на партиски собир во Шуто Оризари најави вработување на Албанци во државната и во јавната администрација.

Однесување како Алиса во земјата на чудата

– За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати и осум години во владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2.000 до 3.000 Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата – порача Меџити.

Изет Меџити Фото: Принтскрин

Тој рече дека Демократското движење е посветено на обезбедување поправично и подостоинствено претставување на Албанците во државните институции, создавајќи конкретни можности за вработување и професионален развој.
Првиот вицепремиер претходно најави дека коалицијата Вреди ќе промовира 800 Албанци во администрацијата, односно дека тие ќе бидат унапредени за две-три скалила за да земаат поголема плата.

– Претходната влада остави многу административци, нашите ќерки и синови со години и години останаа само на ниво на помлади соработници. Со години и години се вработени само со средно образование и заборавени. Во меѓувреме, некои станаа магистри. Вреди во Владата донесе одлука 800 млади Албанци, кои се административци во државната и јавната администрација, да бидат унапредени од две до три скалила за да бидат соодветно платени и да им служат на граѓаните – рече Меџити.

На прашање на „Слободен печат“ до министерот за јавна администрација Горан Минчев дали е реална најавата на Меџити, ако се знае дека е потребно кратење на администрацијата, тој ја оцени како класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.

– Би го замолил Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување. Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници – вели Минчев.

Тој е дециден дека секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци. Минчев порача дека Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит-системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.

Горан Минчев Фото Принтскрин

– Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација. Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка. Граѓаните на Македонија заслужуваат институции што работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања. Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите – вели Минчев.

Меџити ретерираше, па ги намали вработувањата на 1.500!

По реакцијата на Минчев, Меџити ретерираше и на новинарски прашања одговори дека станува збор за 1.500 вработувања што ги одобрила Владата во здравството.

– Има одлука на Влада за 1.500 луѓе што со години работат во здравството со договор на дело, оставени и злоупотребени за изборите. Има одлука за трансформирање на нивните решенија на неопределено време. Истиот пристап ќе биде и во другите институции. Има одлука на Владата и нема да играме со луѓето како што играа во минатото за да ги искористат за избори. Потребни се во здравството – рече Меџити и видно изнервиран не сакаше да одговара на дополнителни прашања.

За опозицискиот СДСМ, изјавата на Меџити ја потврдува нивната теза дека се случува масовна партизација од Вреди во сите институции.

– Ова е со амин и во договор со Мицкоски. Пред изборите ветија мерит-систем, професионализација и праведна држава, а сега веќе е нова песна. СДСМ предупредуваше дека ова се случува, а сега доаѓа како директна и бесрамна потврда од Меџити. Вреди ја третира државата како приватен бизнис кој треба да го наполнат со партиски војници. Мицкоски седи и немо гледа што се случува. Но јасно е дека ова не е случајна изјава. Се поставуваат прашања – дали веќе постои подготвен план за масовна партизација на институциите пред изборите? Дали јавната администрација повторно ќе се претвори во партиски штаб наместо во сервис за граѓаните – праша СДСМ.

Опозициската партија бара итно стопирање на сите партиски вработувања и преиспитување дали Меџити има организиран план за масовна партизација.

Јасно е дека во изборна година ќе се изнаслушаме секакви ветувања, но ако владејачките партии ги реализираат, тоа од една страна е класичен предизборен поткуп на гласачкото тело, а од друга – Вреди веројатно влегува во офанзива на преземање на административците вработени во времето на ДУИ за да обезбеди плус гласачко тело за локалните избори во октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот