Милошоски: Имаме документација дека функционер на СДСМ и министер на ДУИ се договарале со Груевски за измените на КЗ

Антонијо Милошоски / Фото: Screenshot/YouTube

Висок функционер на СДСМ и еден министер на ДУИ уште пред осум месеци во Будимпешта се договарале со поранешниот премиер Никола Груевски за тоа кои членови од Кривичниот законик да се променат за да се намали неговата кривична одговорнист, со цел тој да влијае и да помогне да се изгласаат уставните измени и за сѐ што тврдиме имаме документација, рече денеска пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на прес-конференција во партиското седиште. Според него, измените во КЗ имаат двојна цел, првата е да се амнестираат функционери од актуелната власт, кои, како што рече, во изминативе години ја ограбуваа државата и второ, да се влијае на процесите кои се однесуваат на Груевски.
Измените во Кривичниот законик, додаде Милошоски ги договарале СДСМ, ДУИ и лица од помали политички партии кои сакаат поделби во опозицијата.

– Ние тоа што го тврдиме го истакнуваме затоа што имаме сериозни индиции и документација за преговорите што претставници на власта на ДУИ и СДСМ ги имале со поранешниот премиер во Будимпепшта и преку писмена комуникација тука во Македонија – рече Милошоски, прашан за коментар за ставот на Груевски, кој напиша дека со измените на КЗ не се опфатени сите дела за кои тој е кривично гонет, што тој го цени како доказ дека не се пазарел со власта.

Милошоски потенцира дека намерно или случајно и лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју деновиве рече дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски ниту преговарало за измените во Кривичниот законик, ниту се согласило за менување на Уставот.

– Сакајќи или несакајќи со ова најистакнатиот експонент на власта направи јасна разлика помеѓу оние кои тргуваат со амнестија за да стигнат до уставни измени и своја правна заштита и ВМРО-ДПМНЕ која ја слуша волјата на народот и се против уставни измени и трговија со правосудниот систем за политички материјални цели. Со оваа акција на СДСМ и ДУИ целта им е да се амнестиираат двајца поранешни премиери, а од друга страна менуваат правосудни закони кои би создале лична корист и заштита на актуелните функционери на СДСМ и ДУИ. Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментов разговараат за нов закон за амнестија со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за амнетсија во Минситерството за правда и владата има различни позиции – рече Милошоски.

Агендата на СДСМ и ДУИ, додаде тој, во периодот кој следи е со две примарни политички цели.

– Едната цел е да се спасат функционерите и да има амнестии за тие кои краделе и ја залоупотребиле функцијата, а втората е да го искористат Груевски за фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да си олеснат евентуално олеснување на уставните измени. Ние им порачуваме и на СДСМ и на ДУИ и на нивните клиенти да не го потценуваат ВМРО-ДПМНЕ, да не го потценуваат народот. Партијата е обиденета, пратеничката група е сплотена и ВМРО-ДПМНЕ под ниеден услов нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, а овие политички пазарења со амнестии во Кривичниот законик нема да ги спасат од одговорност актуелните функционери доколку сметале дека ова им е некаков политички аванс – рече Милошоски.

На новинарско прашање дали се сигурни во сплотеноста на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дали е можно сепак некој пратеник да се предомислува Милошоски го спомена гласањето во Собранието на 18 август кога за дневниот ред за потребата за менување на Уставот гласаа само 70 пратеници.

– Опозицијата е сплотена и ќе остане сплотена. Нема ниту едно различно мислење затоа што пратеничката група го следи ставот на народот кој ја избрал пратеничката група да ги претставува во Собранието. Пратеничката група, заедно со Извршниот комитет и претседателот ја делат истата позиција која е аргументирана и е во интерес на Македонија. Затоа нема да дозволиме лични пазарења поврзани со судови, предмети, кривични законици, амнестии и слично да бидат цената на штета на уставнот интегритет на Македонија – рече Милошоски.

На прашањето, пак, како може да влијае новонастаната ситуација со екслидерот Никола Груевски, Милошоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ преживеала многу поголеми турбуленции во минатото.

– Тоа е затоа што идејата и принципите на партијата се посилни од која било личност, актуелна или поранешна, која што имала одредена висока улога во партијата. Затоа ценам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и во оваа, би ја нарекол, мала турбуленција на следните избори со голем број на пратеници – рече Милошоски.

Прашан дали би ги вратиле казните во КЗ доколку ја освојат власта Милошоски одговори дека и по законските измени останале доволно добри членови врз основа на кои може да се гони за корупција некој што работел и постапувал незаконски.
Во врска со најавата од власта, пак, дека ќе разговараат со секој пратеник од опозицијата поединчно за да ги убедат да гласаат за уставните измени Милошоски рече дека тоа би било противуставно однесување и ниеден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати таков пристап.

Мицкоски и Груевски од вчера се во вербален судир, откако Мицкоски за германскиот весник ФАЦ изјави дека  Груевски е во тајна комуникација со владата на Ковачевски и подготвува валкани дилови за да издејствува уставни измени. Груевски за ова обвинување синоќа побара доказ, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека го има.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот