Мицковски: Вашиот глас ги менува работите

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Тој вели дека ниту нему не треба безрезервно да му се верува, но тврди дека ќе си заминат политичарите што го разочарале народот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати отворено писмо до граѓаните на земјата во кое ги повикува да се гласа за него на предвремените парламентарни избори.

Тој вели дека ниту нему не треба безрезервно да му се верува, но тврди дека ќе си заминат политичарите што го разочарале народот.

– Вашиот глас ги менува работите. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат тоа да го прават. Вашиот глас, пак, ни дава шанса нам, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам. И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува – се вели во дел од писмото.

Тој вели дека коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе донесе принципи и вредности по кои ќе се раководат политичарите.

– Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија, време е таа сега да ви врати. Како човек и како личност со име и чест врз која се потпира моето име, се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада. Се обврзувам пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа која ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња – се вели во писмото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот