Мицковски со куп дисквалификации против СДСМ, ДУИ и Стево Пендаровски одржа митинг во Демир Капија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Демир Капија порача дека партијата ќе победи на парламентарните избори, а дека кандидатката Гордана Силјановска Давкова ќе биде претседателка на државата.

Професорката Гордана Силјановска Давкова има свој став и е спремна да го брани својот став со аргументи. Тоа е жена која е титан и ги бранеше македонските интереси и надвор од Македонија во Советот на Европа. Таа како уставен експерт беше дел од Венецијанската комисија, инспирираше многу колеги кои денес ја цитираат и имаа од кого да учат. Таа остана и се бори за Македонија и народот, рече Мицковски.

Тој го обвини СДСМ за иселувањето на голем број граѓани и порача дека тоа мора да се промени. Според него, ,,народот денеска во Македонија нема контрола врз сопствената држава која е киднапирана од 100 разбојници на ДУИ поддржани од измеќарите на СДСМ”.

Мицковски со дисквалификации зборуваше и за противкандидатот на Силјановска Давкова, Стево Пендаровски.

Стево Пендаровски за себе вели дека најдобра карактеристика му било дека не крадел а тие кои го поддржуваат краделе, па тогаш со какви пари му ја финансираат кампањата? И оние скапо платени балкански мешетари кои ги донесоа да креираат фалсификати и да замајуваат јавност. Човекот е загубен, на сабајле прво ги озборува тие околу него, а на пладне преминува кон оние кои го поддржуваат, кои не ги носи со себе, бидејќи е самобендисан и мисли дека му е голем рејтингот и до него не се ни Ковачевски, ни Зечевиќ, ни Маричиќ, а во суштина немаше втор кој ќе прифатеше да биде губитник, рече Мицкоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска од митингот во Демир се осврна на претседателскиот кандидат на Социјалдемократскиот сојуз, Стево Пендаровски за кој рече дека на ниеден начин не може да биде амнестиран за состојбите во Македонија и како што рече, ,,големиот криминал на власта на СДС и ДУИ, туку дека тој можеби е и мозокот на многу повеќе операции од тоа што јавноста го знае, глумејќи наивен и скромен, глумејќи човек кој што нема допирна точка со тоа што се случува во владата, во суштина, можеби е креатор на поголем дел од работите кои што се случуваат”.

Стево Пендаровски е тој што ги злоупотребува институциите кој што се под него за нелегално да го следат ВМРО-ДПМНЕ, за да прават спинови и монтажи на ВМРО-ДПМНЕ. И најбитното, кампањата на Стево Пендаровски е финансирана од крадени пари и тој многу добро тоа го знае и за тоа ќе одговара, најпрво со вашиот глас, а после тоа и со работата на институциите, рече Николоски.

Тој порача дека следува одговорност за како што рече ,,огромните тендери од стотици милиони евра за крими набавка на мазут во ТЕЦ Неготино”.

Во ТЕЦ Неготино сите видовме како заеднички СДСМ и ДУИ крадат, видовме како заеднички се делат огромни тендери од стотици милиони евра за крими набавка на мазут од кој милиони завршија во приватни џебови. Сакам оттука да го прашам директорот на ТЕЦ Неготино и овој на ЕЛЕМ кој е по потекло од овде од Неготино, дали е вистина или не дека се дел од крими шемата и дека истата е договарана покрај во Неготино и во Скопје и во една соседна држава? И да им порачам дека одговорност многу брзо ќе има, уште можеби ова лето ќе ги видите првите резултати за одговорност, додаде Николоски.

Тој порача дека е потребно да има голема излезност на изборите.

Од оваа крими шема во ТЕЦ Неготино не може да се амнестира ни Стево Пендаровски, затоа што без разлика што глуми наивен и без разлика што сака да се прикаже како чесен, како некој кој не знае што се случува, не знае што прават СДСМ и ДУИ до денес не го слушнавме да осуди ни една крими афера која ВМРО-ДПМНЕ ја извади во јавност. А до денес сме свесни дека го потпиша на брза трака кривичниот законик со кој се амнестираше криминал и најбитното до денес Стево Пендаровски ги троши украдените пари за својата кампања и црна, бела и онаа која не ја гледате и онаа што ја гледате затоа што кампањата му е финансирана со крими пари, обвини Николоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот