Мицкоски: Злоупотреба на протестот на студентите заради дестабилизација
Решението да биде уставно и според меѓународните стандарди. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија за двојазичноста во правосудството. Немаме доволно ресурси за да го имплементираме тоа, а и не се гарантира владеењето на правото. Препорачуваат да се вратиме на Законот за јазиците од 2008 година, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Решение што мора да биде уставно и според меѓународните стандарди, одговори премиерот Христијан Мицкоски на барањето на студентите Албанци правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, а за што и протестираа вчера пред Министерството за правда. Мицкоски обвини и дека албанската опозиција го искористила протестот на студентите за да ја дестабилизира државата и за тоа веќе ги известил сојузниците од НАТО и од Европската Унија.
Протестите на студентите ја поделија јавноста, предизвикаа жесток судир во албанскиот политички блок за тоа дали Законот за употреба на јазиците е „фаличен“ и дефинитивно целосно ги исполитизираа барањата на идните адвокати, судии и обвинители.
Препорачано
Мицкоски: Основана е комисија од уставни експерти
– Работиме на решение што мора да биде уставно и мора да биде во согласност со меѓународните стандарди. Знаете, барањата се едно, но Уставот и меѓународните стандарди се друго и мора така да се однесуваме. Ако сакаме европски да се однесуваме, тогаш мора да ги почитуваме и Уставот и меѓународните стандарди. Факт е дека Законот што е донесен, а тоа е Законот за примена на јазиците, е предизвикан пред Уставниот суд, и тоа токму во делот на владеење на правото и правосудството. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија кога се однесува за двојазичноста во правосудството, бидејќи прво, немаме доволно ресурси за тоа да го имплементираме, и второ, не се гарантира владеењето на правото, односно има нееднаквост во владеењето на правото, и затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на владеење на Законот за јазиците од 2008 година – рече премиерот.

Мицкоски додаде и дека студентите имаат право на правен факултет да учат на својот мајчин јазик, во случајов на албански јазик, и дека се дел од образовниот систем во Македонија. Тој повтори дека е основана комисија од уставни експерти и дека таа треба да изнајде решение што ќе биде и уставно и во согласност со меѓународните стандарди.
– Исто така е факт дека вчера видовме голем број опозициски активисти, но и високи функционери што беа на протестот и му дадоа политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и нашите сојузници во ЕУ, за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи претставници на меѓународната заедница – рече Мицкоски.

И Бујар Османи ги информирал меѓународните претставници
Но и потпретседателот на ДУИ Бујар Османи ги информирал меѓународните претставници дека Владата ја искривува природата на студентските протести и ги етикетира како политички мотивирани, со што се создава неточна перцепција за реалноста во земјата.
„Нагласив дека овие напори да се доведат во заблуда меѓународните партнери не ги одразуваат вистинските загрижености на студентите, кои се директно поврзани со спроведувањето на постојните права. Во овој контекст, ги разјаснив и неточните толкувања на мислењето на Венецијанската комисија. Мислењето од март 2025 година не се однесува на ограничувањето на јазичните права и не се повикува на нашето законодавство, туку се фокусира на практичните аспекти на спроведувањето, какви што се трошоците и логистичката поддршка, нагласувајќи дека ова се минимални стандарди што мора да се исполнат. Во време кога е потребна целосна имплементација на правата, од суштинско значење е комуникацијата со меѓународната заедница да се базира на факти и фер прикажување на реалноста“, напиша Османи.

ДУИ соопшти дека правото на употреба на албанскиот јазик е гарантирано и институциите мора веднаш да обезбедат негова примена во практика.
Владејачката Вреди, пак, оцени дека овој случај е доказ дека институциите не успеваат да обезбедат реална еднаквост и дека правата остануваат само на хартија.
Првиот вицепремиер Беким Сали во објава на Фејсбук вели дека барањето на студентите ќе биде исполнето.
„Албанските студенти ќе го полагаат испитот на албански јазик и ние стоиме зад она што го кажавме“, напиша тој.
Обвинувања од Владата кон ДУИ дека преку протести се обидува да ја дестабилизира државата имаше и пред една година, кога албанскиот опозициски блок, предводен од лидерот на ДУИ Али Ахмети, протестираше пред Уставниот суд за Законот за јазиците.
Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени смета дека правосудниот испит не е испит по македонски јазик, туку стручен испит за практична примена на правото.
„Тој не те прави автоматски ниту судија ниту обвинител, туку само ти ја отвора вратата за понатамошна обука, која и онака се одвива на македонски јазик. Затоа не е јасно каде е проблемот студенти што четири години студирале на албански јазик да го користат правото што им следува со закон“, напиша Ходаи на социјалните мрежи.

Поддршка дури и од Вјоса Османи
Студентите на протест побараа правосудниот испит да го полагаат на албански јазик и порачаа дека нема нови преговори за Охридскиот договор, потоа да не се чепка Законот за јазиците, скандирајќи: „УЧК, УЧК“. Тие пред Министерството за правда вчера побараа и оставка од министерот Игор Филков.
На протестот можеа да се видат функционери и пратеници од опозициските ДУИ, СДСМ и од Алијанса за Албанците, односно Арбр Адеми, Илир Хасани, Блерим Беџети, Садула Дураку, Муса Џафери, Фатмир Битиќи, Халил Снопче … Протестот на студентите доби поддршка и од високи функционери и јавни личности од Косово и од Албанија.
„Поддршка на студентите! Поддршка на албанскиот јазик! Поддршка на сестрите и на браќата Албанци во Северна Македонија, денес и засекогаш!“, напиша поранешната претседателка на Косово, Вјоса Османи.
Познатиот водител од Албанија Бленди Февзиу преку видео нагласи дека студентите Албанци имаат легитимно право да полагаат испит по право на албански јазик.
„Албанските студенти во Скопје се гордост на сите Албанци“, вели тој.
Обид за манипулација од политички структури, е ставот на Министерството за правда
Од Министерство за правда реагираа дека на протестот имало „обид за манипулација од политички структури“.
„Постојат сомнежи за инструментализација на чувствителни прашања и користење етничка реторика за политички цели, а отсуството на државни обележја отвора прашања за односот кон уставниот поредок“, реагираше Министерството.

Оттаму повторија дека правосудниот испит се спроведува во согласност со важечката законска рамка и дека станува збор за стручен испит, а не управна постапка.
Професорот по уставно право Јове Кекеновски смета дека барањето правосудниот испит да се полага на друг јазик не е прашање на јазични права, туку политички инструментализирано барање спротивно на државниот интегритет, уставниот поредок и правната сигурност.
– Правото не е политички или етнички договор, туку државен и професионален стандард – вели Кекеновски.
Во моментов, важечката законска регулатива предвидува обврска идните адвокати, судии и јавни обвинители да го полагаат правосудниот испит на македонски јазик. Министерот Филков во неколку наврати беше дециден дека во моментов, можност за полагање на друг јазик освен на македонскиот јазик, не постои.
Мицкоски да се пријави себеси во НАТО и во ЕУ за поделби и дестабилизација
Од опозицискиот СДСМ велат дека за ова прашање треба да се најде решение за да може секој да ужива во основните човекови права во согласност со законот. Од партијата велат дека овие прашања биле затворени, но со доаѓањето на новата власт повторно се отвораат.

– Проблем и главни инспиратори на сите овие поделби се токму Мицкоски и Владата. Денеска го слушнавме низ медиумите дека ќе пријавел во НАТО и во ЕУ за ова. Ете, да му порачаме на Мицкоски тој да се пријави и во НАТО и во ЕУ, затоа што тој ја дестабилизира состојбата во државата. Овие прашања беа затворени, но откако Владата на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ е на власт, повторно се поставуваат прашања за поделби – рече Јована Тренчевска од СДСМ.
Правда реагира на протестот на студентите Албанци: „Обид за манипулација од политички структури“.


