Правда реагира на протестот на студентите Албанци: „Обид за манипулација од политички структури“.
Студенти етнички Албанци денеска протестираа во Скопје барајќи „почитување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит“, односно можност испитот да се полага и на албански јазик.
Препорачано
Учесниците на протестот, кои бараат оставка од министерот за правда Игор Филков, носеа транспаренти со пораки за почитување на законот (исклучиво на албански јазик), како и исклучиво албански и американски знамиња.
Од Министерство за правда во реакција на одржаниот собир соопштија дека го почитуваат правото на протест како темелно демократско право, но оценуваат дека денешниот протест покажал „обид за манипулација од политички структури“.
Во соопштението се наведува и дека „постојат сомнежи за инструментализација на чувствителни прашања и користење етничка реторика за политички цели“, како и дека „отсуството на државни обележја отвора прашања за односот кон уставниот поредок“.
Во однос на барањата, Министерството потенцира дека правосудниот испит се спроведува согласно важечката законска рамка и дека станува збор за стручен испит, а не управна постапка.
Оттаму додаваат дека остануваат отворени за конструктивен дијалог и дека нивен приоритет е зајакнување на правниот поредок и воспоставување транспарентен систем, „ослободен од политички влијанија“, потенцирајќи дека нема да дозволат злоупотреба на Уставот и законите.


