Напнатоста меѓу владините партнери се смирува, барем до вториот круг на локалните избори, откако Касами, според премиерот, почнал да „дава прифатливи изјави“. Мицкоски сега негира дека воопшто спомнал дека ВМРО-ДПМНЕ во првиот изборен круг се жртвувала за Вреди, но за возврат не ја добиле почитта од помалиот владин партнер.
По средбата помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и тетовски градоначалник Билал Касами поради етничките „излети“ на Касами, владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ја смируваат напнатоста, барем до вториот круг на локалните избори – на 2 ноември. Мицкоски се пофали дека по средбата Касами дава прифатливи изјави. Впечатливо е дека и премиерот ја спушта топката, односно откако го предупреди Касами дека секоја акција има реакција, сега негира дека воопшто споменал дека ВМРО-ДПМНЕ во првиот изборен круг се жртвувала за Вреди, но за возврат не ја добиле почитта од помалиот владин партнер.
Тензиите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди кулминираа откако Касами од Албанија порача дека во Кичево ќе го поддржат актуелниот градоначалник од ДУИ Фатмир Дехари, по што Мицкоски го предупреди дека ќе заврши како Али Ахмети.
– Да, јас се сретнав со Билал Касами, разговаравме и мислам дека тој веќе почна да ги испраќа оние вистински изјави што треба да прилегаат на еден градоначалник на мултиетничко Тетово – рече Мицкоски, прашан дали по средбата со Касами се усогласиле со Вреди.
Билал Касами Фото: Вреди Фејсбук
Премиерот негираше дека не добиле почит од Вреди, и покрај поддршката на нивните кандидати.
– Каде сум дал таква изјава? Никаде јас не сум спомнал дали сме добиле почит од Вреди, ЗНАМ, ДУИ или слично. Никаде немам спомнато, ова ви е шпекулација – рече Мицкоски.
Но, кога новинарот го потсети дека пораката до Касами е испратена во обраќањето на роденденот на Внатрешната македонска револуционерна организација, Мицкоски рече дека изјавата била во историски контекст, дека ВМРО во историјата дала многу жртви и дека друга работа е ако некој препознава дека тој се обраќа на одредена партија.
– Каде зборувам дека станува збор за Вреди? Ааа, тоа е друго прашање. Видете, ВМРО во историска смисла дала многу жртви, и тоа е една од најголемите организации на Балканот од која што многу поголеми народи и организации понатаму учат. ВМРО во историска смисла, тоа се изјави дадени на денот на формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација, која е апостол на сите борби на Балканот за независни држави, за почит кон различните етникуми, и тоа е за што јас конкретно зборувам. Е сега, ако вие препознавате некои партии, тоа е друга работа – рече премиерот.
За потсетување, Мицкоски на Денот на ВМРО рече дека сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот и падот на ДУИ и ќе разберат на што мисли. Не држи одговорот на премиерот дека зборувал во контекст на историската ВМРО, бидејќи во говорот самиот потенцира дека ќе се осврне и на дневнополитичките прашања, и тоа за првиот круг од локалните избори, за опозиција и за етноцентричните теми.
– И тоа е добра лекција и за некои други политичари на македонската политичка сцена кои мора да разберат дека за да бидеме коалициски партнери, треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат – рече Мицкоски.
Христијан Мицкоски, Фото: Фејсбук Мицкоски
Премиерот кажа дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови што може човек да ги насочи, дека никој ги нема гласовите во џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики.
-Во тој контекст, треба да прифати дека станал градоначалник со волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволи да ја изневери. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата – порача Мицкоски.
Николовски го спомна Касами и со име и презиме
Од митинг во Аеродром вечерта, истиот ден, Мицкоски беше уште подиректен и пожесток и без никаква дилема е јасно дека мисли на Вреди и на Касами. Тој истакна дека во политиката мора да се има цел и стратегија и дека ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не барала ништо освен почит за својата жртва што ја дале за друг, но тоа не го добиле и дека тоа нема да им го заборави.
– Додека ги реализиравме овие стратешки цели, крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо, затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата што сме ја дале за друг, не ја добивме, и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември и масовно да излеземе на изборите – порача тогаш Мицкоски.
Александар Николоски Фото: Фејсбук Николоски
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски отиде чекор понатаму и ја доведе во прашање соработката во Владата. Тој порача дека соработката во Владата може да продолжи само врз основа на принципи и вредности.
– Ако Билал Касами сака во Тетово да биде алтернатива на Теута Арифи, тој не може да е ист како нив. Второ, не треба да се срами и да му е непријатно тоа што Македонците во Тетово гласаа за него во првиот круг. Тој сега треба да им испорача на тие луѓе, затоа што тоа се негови поддржувачи. Ние ќе продолжиме да соработуваме во Владата, но само врз основа на принципи и на вредности. Не може вие да држите митинзи и да зборувате дека треба во Тетово да победи Билал за да не се врати ДУИ, а во исто време да речете во Кичево гласајте за ДУИ. Тоа е непринципиелна политика – рече тогаш Николоски.
Рамадани остана на ставот за етничко гласање
Наспроти Касами, кој по разговорот со Мицкоски ретерира, кандидатот за градоначалник на Брвеница од Вреди, Хаќим Рамадани, остана на ставот за етничко гласање и по предупредувањето од премиерот дека по изборите ќе го разреши од директор на Инспекторатот за локална самоуправа.
Рамадани на средба со иселениците, на која беше заедно со кандидатот на ДУИ кој изгуби во првиот круг, Енвер Пајазити, рече дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“ и дека општините во кои Албанците се мнозинство „мора да ги води Албанец“.
Тој на Мицкоски му одговори дека има нешто што му е побитно од јавната функција.
Хаким Рамадани / Фото: Фејсбук
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено Инфомакс, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница, напиша Рамадани на Фејсбук.
Од албанската дијаспора најавуваат дека веќе се организирани за доаѓање во Кичево и во Брвеница со 10 авиони, но и со автобуси и со сопствени возила. Во Брвеница противкандидат на Рамадани е актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Јовица Илиевски, а на Фатмир Дехари во Кичево противкандидат му е Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …