Христијан Мицкоски / Фото: Алсат / скриншот

Мицкоски: Хаќим Рамадани од Вреди ќе биде разрешен од функцијата откако ќе изгуби во Брвеница

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во изминатите денови разговарал со повеќе влијателни претставници на меѓународната заедница „бидејќи и до нив стигнало однесувањето на кандидатот од Вреди за Брвеница“. Според него, тие со жалење и неверување реагирале на фактот дека во 21 век некој може да користи таков речник.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека откако кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница, Хаќим Рамадани од Вреди, прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент, одговарајќи на новинарско прашање дали изјавата на кандидатот ќе влијае врз владината коалиција со Вреди.

Тој ја оцени како голема грешка, пред сѐ за кандидатите за градоначалници од Вреди, изјавата на Рамадани.

„Јас со жалење го слушнав сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски го кажуваше во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка, пред сѐ за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Досега Македонија не видела во поновата историја толку себичен потег од политичар. Да влегува и да мисли само за себе и за својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати што се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, навистина е за жалење,“ рече Мицкоски.

Изминатите денови, како што вели, зборувал и со голем број влијателни претставници на меѓународната заедница, бидејќи однесувањето на кандидатот за градоначалник на Брвеница од Вреди стигнало и до нив.

„И тие гледаат со големо жалење и просто со неверување, тоа што го слушаат дека некој во 21 век може да користи таков речник,“ изјави премиерот.

Мицкоски порача дека неговата лична поддршка и поддршката на Владата ја имаат „сите оние што работат на иднината на оваа наша заедничка држава, без разлика на етничката, верската или политичката припадност“.

„Секој оној што зборува за иднината на Македонија е добродојден мој соговорник. Секој што зборува за поделби, посебно етнички поделби, не само што не е добродојден мој соговорник, туку тој не му мисли добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на сите други народи, сограѓани во нашата прееубава заедничка татковина Македонија,“ рече тој.

Мицкоски го испраќа Касами во опозиција?

На дополнителното новинарско прашање за поддршката со Вреди во вториот круг, лидерот на владејачката партија рече дека таа коалиција испратила соопштение дека не го поддржува кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари.

 

„Фатмир Лимани не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Вреди испрати и соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари, како кандидат за градоначалник во Кичево,“ рече Мицкоски.

Премиерот повика Албанците во Кичево, но и кичевчани, „да размислат за човекот што ги уценува нивните внуки и нивните ќерки, дали треба да гласаат за него и дали тој е достоен кандидат за иден градоначалник на Кичево“.

За потсетување, кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од редовите на Вреди и противкандидатот од опозициската НАИ кој испадна во првиот изборен круг, Енвер Пајазити, викендов заедно се во поход по гласовите на албанската дијаспора во Германија, Австрија и во Швајцарија за Брвеница да ја води Албанец.

Ова следуваше откако лидерот на Беса, Билал Касами, повика Вреди да гласа во Кичево за Фатмир Дехари од ДУИ, па ретерираше по критиките од премиерот Христијан Мицкоски дека секоја акција ќе има реакција.

Сојузот на борци од НОАВМ-Тетово: Изјавите на Касами за етничко гласање се ретроградни и опасни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот