Мицкоски: Трендафилов со крвави белки и зеници напаѓаше мајки, сестри, сопруги…
Загрижен сум од нивото на култура. Трендафилов ја испушти шансата да биде над ситуацијата, и како загрижен родител, барем така се претставуваше, да има барем попристоен речник, затоа што сепак станува збор за жена, за мајка, рече премиерот.
Господинот Слободан Трендафилов ја испушти шансата да биде над ситуацијата и пратеничката Дафина Стојаноска треба барем да добие извинување, порача денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на лидерот на Сојузот на синдикати дека е следен и дека со снимање на неговите деца му се врши уцена и закана затоа што бара поголеми плати за работниците.
Препорачано
– Го видов тоа што го кажуваше господин Трендафилов. Видов човек, премногу нервозен, истури една сала навреди. Но, ние сме јавни личности и навикнати сме на тоа, но некои други кои сакаат да бидат јавни личности, не се навикнати на јавна критика – рече Мицкоски.
Тој ги оцени како „бледи“, како што кажа „оправдувањата“ на Трендафилов дека бил на телевизиска емисија, па го користел службеното возло.
– Загрижен сум од нивото на култура. Тој ја испушти шансата да биде над ситуацијата, и како загрижен родител, барем така се претставуваше, да има барем попристоен речник, затоа што сепак станува збор за жена, за мајка. На видеото никој не ги покажува малолетните деца на господин Трендафилов, напротив, јас колку што можев да видам, многу е внимавано на тоа. За сите оние навреди што ги кажа, пратеничката Дафина Стојаноска во најмала рака заслужува да добие извинување. Сето она што го кажа, по оној Фројдовски модел, претопоставувам во него работи потсвеста, длабоко го мисли за себе – рече премиерот.
Тој информираше дека деновиве ќе соопшти точно кои се луѓето што биле на блокадите и дека тоа јасно ќе покаже оти позадината на протестот, на блокадите и на најавениот генерален штрајк е јасна и партиски инструирана.
– Ова ќе продолжи. Тие мислат дека ќе најдат прокси преку Трендафилов, којшто е влезен во една специфична состојба, кој се обидува да влезе на сцената во Македонија, а од друга страна кога е критикуван почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги. Мислат дека така ќе нанесат штета на Владата. И тоа е легитимно. Ние можеме само да се бориме против тоа и да го докажеме спротивното – вели Мицкоски.
Тој уште еднаш посочи дека работниците треба да го чекаат законското усогласување на минималната плата во март, со што би зачувала незјината вредност. Во однос на инфлацијата смета дека ќе се смири и дека ќе се намалува под три проценти.


