Мицкоски: Нема мигранти и нема да има, а од есен почнува изградбата на брзата пруга на Коридор 10
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тврдењата на СДСМ за доаѓање мигранти во земјава се покажале како невистинити, нагласувајќи дека „нема мигранти и нема да има“, додека паралелно Владата ги забрзува подготовките за изградба на брза пруга на Коридор 10.
Препорачано
Одговарајќи на новинарско прашање за проектите што треба да се реализираат во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Мицкоски рече дека физибилити студијата и студијата за оцена на влијанието врз животната средина треба да бидат завршени до јули.
-Доколку сè се одвива според планот, потоа ќе следува законска процедура во Собранието, а од есен може да започнат и работите на терен- изјави премиерот.
Тој потенцираше дека најавите за бран мигранти во април не се оствариле и оцени дека јавноста уште еднаш добила потврда дека обвинувањата на СДСМ биле неосновани.
Во однос на критиките од пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи за наводна манипулација со податоците за БДП, Мицкоски истакна дека официјалните податоци на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат оти номиналниот БДП во првите две години од мандатот на актуелната Влада е за 560 милиони долари повисок во споредба со растот остварен во седумте години на претходната власт.
Според него, оваа додадена вредност е постигната со трипати помало задолжување во однос на претходната Влада, додавајќи дека таквите показатели се потврдени и во последниот извештај на ММФ, кој го оцени како „историски најдобар“ за Македонија од нејзината независност.
Мицкоски најави реконструкција на Владата и разговори со коалицијата по 17 јуни


