Мицкоски ќе го „репреговара“ Договорот со Бугарија кога ќе дојде на власт

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ/Фото: МИА

„Егзибиционистичката и лоша политика која ја води Владата не доведе до ситуација за која ВМРО-ДПМНЕ многупати до сега предупредуваше, дека билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, ќе стане мултилатерален, односно сега стана спор помеѓу Македонија и Европската Унија. Ние сега немаме француски предлог, туку бугарски договор“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги односите со нашиот источен сосед и европскиот пат на земјава.

Во гостување во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија Мицкоски посочи дека прифаќањето на т.н. „француски предлог“ е огромна и катастрофална грешка која ја направи Владата, бидејќи, како што рече „не ги отпочна преговорите“.

„Ако ги отпочнаа преговорите, чуму сето ова околу менувањето на Уставот? Не требаше да има дополнителни услови бидејќи Албанија нема“, рече Мицкоски.

Според него, задача на идната Влада, која како што рече ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, е да ги коригира грешките.

„Тоа што тие го погрешија, треба да го коригираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го корегира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека доколку не се наиде на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да собере 61 пратеник во парламентот и да го напушти Договорот за добрососедство со Бугарија, „бидејќи тој договор не е ниту договор за пријателство, ниту е договор за добрососедство, а тоа може да се види преку последното однесување од страна на источниот сосед“.

Во врска со уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, Мицкоски повтори дека ставот на партијата е оти дека нема да ги поддржи затоа што не смета дека тоа е последната препрека.

„Сега немаме уценети пратеници кои за уши се носеа во 5 за 12 да гласаат. И разликата од тогаш до сега е што нема други структури во партијата кои веруваат дека тој чекор е добар. Сега пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е необремената од потенцијални закани за затвор преку фингирани политички процеси, а во раководството на партијата има монолитност и кохезија по ова прашање“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот