Мицкоски ќе го менува државниот грб, Таравари и Касами јазикот
Од Вреди не успеавме да добиеме став дали за Изет Меџити, Билал Касами, Арбен Таравари и Зекирија Ибрахими е прифатливо промена на државниот симбол.
Промена на државниот грб бил на маса меѓу владините партнери Христијан Мицкоски и лидерите на Вреди, откриваат од Владата за „Слободен печат“. Прашањето за промена на грбот го отворил премиерот, но засега од Владата не откриваат други детали.
Препорачано
Од Вреди не успеавме да добиеме став дали за Изет Меџити, Билал Касами, Арбен Таравари и Зекирија Ибрахими е прифатливо промена на државниот симбол. Од друга страна, од Владата ги демантираат изјавите на Касами и на Таравари дека во напредна фаза се разговорите со Мицкоски за промена на Уставот за формулацијата јазикот што го зборуваат 20 отсто да стане албански јазик.
– Никогаш не е разговарано на таа тема и Уставот нема да го отвораме само за да се смени формулацијата „20 отсто“ со албански јазик. Со Вреди единствено е разговарано за промена на државниот грб. Промената на грбот е отворено како прашање од премиерот Мицкоски – велат од Владата за „Слободен печат“.

Премиерот на новинарско прашање и лично потврди дека со лидерите на Вреди не разговарал за промена на Уставот во делот на албанскиот јазик.
– Немало такви разговори – рече Мицкоски.
Од Владата се воздржуваат од коментар дали во актуелниот мандат ќе предложат промена на грбот, дали веќе имало предлози за новиот грб, како и за позицијата на Вреди за тоа прашање.
Груевски предлагаше црвен лав на златно-жолта заднина
Последен пат промена на грбот предложи Владата на Никола Груевски во 2014 година, но експремиерот не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на новиот државен симбол. Тогашната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на владина седница донесе предлог за измена на државниот грб во црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. За ДУИ предлогот беше прифатлив, зашто лавот се наоѓал на грбовите на многу стари и големи албански семејства. Објаснувањето на владиниот предлог тогаш беше дека е враќање кон историските симболи. Дизајнот на црвениот лав беше заснован на историските грбови, илустрациите на Верланд од 1481 година и грбовникот на Бароад од 1581 година, кој преку стемографиите на Витезовиќ во 1694 година и на Жерафовиќ во 1741 година, станал и земски грб на Македонија. Златно-жолтата круна, која е украсена со бисери и рубини, требало да го симболизира републиканското уредување на државата.

Лани, пак, универзитетскиот професор и сега актуелен советник на Мицкоски, Александар Спасеновски, промената на државниот грб ја спомена во контекст на тоа да се обезбеди поддршка од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ. Тој предложи политичарите да се осврнат на креативни решенија со кои, според него, би се антиципирале стравовите на оние што се противат на уставните измени и со кои ќе се овозможи нивна поголема идентификација со уставноправниот политички систем во државата. Еден таков пример, кој Спасеновски го спомена, беше враќање на дебатата за промена на државниот грб според предлогот од 2014 година.
Од Владата не откриваат дали Мицкоски во разговорите со Вреди зборува за предлогот од владата на Груевски или ќе се нудат нови решенија за промена на државниот грб.
Актуелниот државен грб со мали модификации е во употреба од 1946 година. Во 2009 година од грбот беше отстранета само црвената петокрака од социјалистичкиот грб.

Вреди се фали со „напредни разговори“ за бришење на „20 отсто“ од Уставот
Од друга страна, лидерите на Вреди, Арбен Таравари и Билал Касами, во одделни телевизиски гостувања најавија дека при отворањето на Уставот, ќе има замена на формулацијата 20 отсто со албански јазик, како и унапредување на албанскиот јазик, што од Владата го демантираат.
Касами вели дека со закон за албански јазик ќе се унапреди употребата на албанскиот јазик.
– Имаме напредни разговори со премиерот за во следниот пакет уставни измени да се отстрани дефиницијата од 20 отсто за албанскиот јазик и формулацијата во Уставот на Македонија да се дефинира како албански јазик. Гарантираме дека албанскиот јазик нема да се деградира туку ќе се унапредува – изјавил Касами.
И Таравари во гостување на ТВ 21 изјави дека во актуелниот мандат, албанскиот јазик ќе стане дел од Уставот и дека службен јазик во Македонија, покрај македонскиот, ќе биде и албанскиот јазик.


