Мицкоски се сретна со Вајц, па ги свика министрите на вечерен состанок за реформската агенда
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата оствари средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, на која било разговарано за актуелните политички процеси, реформската агенда и предизвиците во процесот на евроинтеграција на државата.
Препорачано
Како што информира премиерот Мицкоски преку објава на социјалните мрежи, на средбата биле разменети мислења за европската перспектива на земјата, како и за клучните чекори кои треба да се преземат во наредниот период.

– Денес остваривме средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц. Разменивме мислења за актуелните политички и реформски процеси, европската агенда на државата, како и за предизвиците и можностите во процесот на евроинтеграција – објави Мицкоски.
Посебен акцент на разговорите, како што наведе премиерот, бил ставен на владеењето на правото, институционалната стабилност и продолжувањето на реформите со цел усогласување со европските стандарди.
Нешто подоцна, Мицкоски на „Фејсбук“ се пофали и дека вечерва во Владата се одржал состанок поврзан со реформската агенда за членство во Европската унија, на кој учествувале тој и министрите.
„Вечерва одржавме состанок посветен на реформската агенда, со фокус на конкретни чекори за унапредување на институционалната ефикасност, владеењето на правото и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, објави Мицкоски на „Фејсбук“.
Тој наведува дека реформите „не се декларација, туку обврска – процес што бара одговорност, соработка и јасна визија за иднината“.
„Продолжуваме посветено да работиме на реални и одржливи решенија“, додава премиерот, без да открие на кои конкретни точки од реформската агенда им бил посветен ноќниот состанок во Владата.


