Мерките на Комисијата за заразни болести не се дискриминирачки, смета Мрежата за спречување и заштита од дискриминација

Македонија Скопје коронавирус ковид-19 маска маски
Маж со заштитна маска во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Мрежата за спречување и заштита од дискриминација смета дека предлог-мерките на Комисијата за заразни болести се неопходни и не се дискриминирачки затоа што се насочени кон заштита на јавното здравје.

– Како организации кои се посветени на заштитата на човековите права, сметаме дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од Ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права, наведуваат од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација.

Задолжителната вакцинација, според нив, е неопходна имајќи го предвид ефектот од глобалните дезинформациски кампањи кои продуцираат недоверба и директно влијаат на малиот број на вакцинирани. Вакцинацијата, како што наведуваат, не е спротивна на Уставот.

– Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, претставува највисока граѓанска обврска. Согласно член 39 од Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Задолжителната вакцинација, која е предвидена со Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Согласно чл.33 ст.7 од овој Закон, Министерот, на предлог на Комисијата за заразни болести, може да одреди вакцинација и за други заразни болести, се вели во соопштението.

Од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација сметаат дека при креирањето на мерките не треба да се прави разлика меѓу работниците од јавниот и приватниот сектор, а потребна е и широка општествена и стручна дискусија за потребата од имунизација.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот