Меркел по 16 години во проштална посета на Франција

Германската канцеларка Ангела Меркел / EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

 Германската канцеларка Ангела Меркел денеска беше пречекана од францускиот претседател Емануел Макрон во централна Франција, каде дојде да се збогува по 16 години на власт во кои тесно соработуваше со четворица француски претседатели.

Бројни луѓе кои се собраа во Бун, во Бургоњ, лозарското срце на Франција, извикуваа „Ангела, Ангела, браво” за да им посакаат добредојде на двајцата функционери, јави Бета.

Опуштената и насмеана канцеларка и францускиот претседател заедно со нивните двајца сопружници, Брижит Макрон и Јоаким Зауер, ги поздравија неколку стотици собрани луѓе.

– Добро искористете ја пензијата, извикал еден човек на англиски.

По официјалните и формални митинзи на Г20 во Рим и климатскиот самит COP26 во Глазгов, атмосферата меѓу двајцата лидери во Франција беше опуштена.

За прошталната посета на Ангела Меркел, Елисејската палата го избра Бун, град „чии историски споменици и винската култура го илустрираат богатството на француското наследство”, соопшти Елисејската палата.

По прошетката низ историскиот центар, тие ја посетија болницата во Бун, архитектонско богатство од 15 век во готски стил. Во 1993 година, старата болница, светски позната по своето винско земјиште, ги прими Франсоа Митеран и Хелмут Кол за 63-от француско-германски самит.

Но, додека двајцата лидери останале таму на вечера, Макрон и Меркел ќе одат со своите сопружници во замокот Кло де Вужо, симбол на Бургоњ, кој се наоѓа во центарот на винарскиот регион.

Во текот на вечерта Макрон на Ангела Меркел ќе и го врачи Големиот крст, највисокото одликување на Легијата на честа. Овој орден, кој го добиле Конрад Аденауер, Вили Брант, Хелмут Кол и Герхард Шредер, ја претставува цврстината на француско-германското пријателство што го одржува Ангела Меркел, соопшти француското претседателство.

Од претседателските избори во 2017 година, личното и професионалното пријателство меѓу Макрон и Меркел значително напредуваше. Со текот на времето, според многубројните сведоци, тие успеале да изградат цврст однос на доверба.

Во последните месеци францускиот претседател ја пофали посветеноста, трпеливоста и капацитетот на германската канцеларка да слуша.

Пред Макрон, Меркел мораше да се приспособи на многу различните карактери на Жак Ширак, Никола Саркози и Франсоа Оланд.

Германската канцеларка ја напушта политиката по формирањето на новата влада, што се очекува во декември. Социјалдемократите (СПД), победниците на парламентарните избори на 26 септември, преговараат за владата заедно со екологистите и либералите. Доколку успеат, ќе ја наследи актуелниот министер за финансии, социјалдемократот Олаф Шолц.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот