Меланија во говор кажала само Македонија, експресно ѝ се „пушти“ Грчката амбасада во Вашингтон
Амбасадата на Грција во Вашингтон формално реагирала до првата дама на САД, Меланија Трамп, откако таа во говор на самитот кој го организира деновиве изговорила само „Македонија“, зборувајќи за земјава, јавуваат грчките медиуми.
Препорачано
Ова, според образложението од Амбасадата, било „корективна мерка“ за да се почитуваат „правните стандарди од Преспанскиот договор од 2018 година“.
За време на обраќањето на настанот, на кој присуствува и Рози Мицкоска, сопругата на премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, Меланија Трамп деновиве го употребила името „Македонија“ за да ја опише нашата држава.
„Бидејќи терминот „Македонија“ се однесува исклучиво на историската и географската грчка покраина, неговата употреба како име за странска држава претставува чувствително дипломатско прекршување“, пишува „Грик рипортер“ потсетувајќи дека земјава мора да се именува како „Северна Македонија“ во сите официјални и јавни контексти.
Грчките дипломати стапиле во контакт со надлежните американски институции „за да обезбедат официјалните записи и идните комуникации да ја одразуваат точната терминологија“. Амбасадата појаснува дека употребата на името „Македонија“ за суверената држава во Скопје не само што ги игнорира меѓународните договори, туку и создава „регионална конфузија во однос на грчкиот културен идентитет“.
Сопругата на премиерот, Рози Мицкоска, е на настан организиран од Меланија Трамп во Вашингтон


