Фатмир Меџити, министер за здравство/Фото: Скриншот

Меџити му понуди на Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска упати повик до разрешениот директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија.

– Буџетот што го наследив, беше многу дефицитарен. Имаме барање од Кардиохирургија, претходно во разговор со професорот и други колеги и со ребалансот на буџетот сум подготвен да побарам да се зголеми тој буџет, со цел Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат подобро и да ги зголемиме позитивните резултати и да им излеземе во пресрет на пациентите, додаде министерот.

Тој нагласи дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има неговата поддршка во понатамошното работење.

На денешниот брифинг со новинарите, стручни лица разјаснуваа дилеми околу разрешувањето на Јовев, што предизвика реакции во јавноста.

Меџити беше прашан што ќе биде со економскиот директор.

– За организациониот директор, ние пративме инспекција, тоа ги вклучува и двата директора, тие имаат одговорности и заеднички и посебни. За првиот одлучивме, деновиве ќе излеземе и со одговор за вториот, организацискиот директор, појасни министерот.

На новинарско прашање за неговата заменичка, која не се согласувала со одлуката на министерот за смена на Јовев, Меџити одговори дека нема да коментира изјави на други лица.

На брифингот беше посочено и дека Јовев не е единствениот разрешен директор, откога Меџити е на функција министер.

– Имаше промени во многу други здравствени установи, на медицински директори, организациски, некои си поднесоа самите оставка, а други беа разрешени, додаде Меџити, истакнувајќи дека и во иднина секаде ќе има инспекции и ќе се постапува според закон.

Меџити во понеделникот го разреши Јовев од должноста директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, поради како што изјави вчера „утврдени нерегуларности во работењето“, нагласувајќи дека нема политика во неговото разрешување.

Јовев од своја страна вчера побара преиспитување на одлуката за негово разрешување, истакнувајќи дека државната Клиника за кардиохирургија не се утврдени нерегуларности.

– Да ги оставиме професионалците да си ја вршат својата работа. Успесите на оваа Клиника се успеси на државата и на Министерството за здравство, порача Јовев.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Јовев: Не сум му лут на министерот- сметам дека ова е недоразбирање кое ќе се исправи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот