Медведев се закани со распоредување нуклеарно и хиперсонично оружје доколку Финска и Шведска влезат во НАТО

Дмитриј Медведев / Фото EPA-EFE/YULIA ZYRYANOVA

Поранешниот руски претседател и премиер, Дмитриј Медведев ги предупреди западните сили дека доколку Шведска и Финска се приклучат на НАТО, тогаш Русија ќе распореди нуклеарно и хиперсоничнo оружје во ексклавата во срцето на Европа, пренесува Ројтерс.

Финска, која дели 1.300 километри долга граница со Русија, и нејзиниот сосед Шведска размислуваат да се приклучат на НАТО алијансата. Финска ќе одлучи во следните неколку недели, изјави вчера премиерката Сана Марин. 

Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, рече дека доколку Шведска и Финска се приклучат на НАТО, тогаш Русија ќе мора да ги зајакне своите копнени, поморски и воздушни сили во Балтичкото Море.

„Не може повеќе да се зборува за статус без нуклеарно оружје на Балтикот – рамнотежата мора да се врати“, рече Медведев.

Медведев се надева дека Финска и Шведска ќе одлучат правилно. Ако не, рече тој, ќе мора да живеат со нуклеарното оружје и хиперсоничните ракети блиску до нивните домови.

Според Литванија, заканите на Русија не се ништо ново и дека Москва распоредила нуклеарно оружје во Калининград долго пред војната во Украина. НАТО се уште не одговори на предупредувањето на Русија.

Сепак, евентуалниот пристап на Финска и Шведска во НАТО – основан во 1949 година за да обезбеди западна безбедност против Советскиот Сојуз – ќе биде една од најголемите стратешки последици од војната во Украина.

Финска се стекна со независност од Русија во 1917 година и водеше две војни против неа за време на Втората светска војна, при што изгуби одредена територија. Финска денеска најави воена вежба во западниот дел на земјата со учество на Велика Британија, САД, Летонија и Естонија.

Шведска не водела војна 200 години. Нејзината надворешната политика се фокусира на поддршката на демократијата и нуклеарното разоружување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот