МЕД: Дивиот растителен свет во Преспа е контаминиран со 19 различни пестициди, најмногу во околината на Претор и Ресен
Различни видови на пестициди се пронајдени во почвите во Преспа и фекални бактерии во нивите покрај Вардар, за време на истражувањата на Македонското еколошко друштво.
Препорачано
Во рамките на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ студенти, во соработка со домашни институции утврдиле дека дивиот растителен свет во Преспа е контаминиран со 19 различни пестициди, најмногу во околината на Претор и Ресен. Од друга страна, истражувањата покажуваат дека големата човекова активност придонесува за загадување со фекални и индикаторни бактерии на реката Вардар, што пак влијае на присуство на психрофилни и мезофилни бактерии, колиформни бактерии, ентерококи и ешерихија коли во почвите во близина на реката.
Како што информираат од Македонското еколошко друштво тим на истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова и под менторство на проф. д-р Крсте Ташев, реализираа истражување со цел да одговорат на прашањето дали постои секундарна контаминација со пестициди на диворастечката флора во Преспанскиот регион, вклучувајќи го и островот Голем Град.
Истражувањето било спроведено во две временски фази – во пролет и есен, при што биле собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро со различна оддалеченост од земјоделски насади.
Анализите покажале дека во Преспа постои секундарна контаминација, а притоа биле идентификувани вкупно 19 различни пестициди во двата периоди на годината. Во најголема концентрација се издвојуваат ацетамиприд, пириметанил и пираклостробин, кои се јавуваат и во двата периоди од годината.
„Во пролет беа идентификувани 10 пестициди, а во есен 12 пестициди. Најмногу пестициди беа пронајдени во примероците од околината на Претор и Ресен. Кај примероците од Крани беа детектирани пестициди во текот на пролетта, но истите отсуствуваа во есенските анализи, додека пак обратната ситуација беше детектирана кај примероците од Стење. Меѓутоа, важно е да се забележи дека кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење, како и кај оние од островот Голем Град, не беше детектирано присуство на траги од пестициди ниту во пролет, ниту во есен“, велат од МЕД.
Во истражувањето на студентот Христо Димитриевски на микробиолошкиот диверзитет долж течението на реката Вардар за фокусот беше ставен на утврдување на присуството и преносот на фекални и индикаторни бактерии од реката кон околните почви, со цел да се процени потенцијалниот ризик за безбедноста на храната и јавното здравје. Од МЕД посочуваат дека постои јасна поврзаност помеѓу микробиолошката разновидност во водените и почвените екосистеми на реката Вардар и човековата активност, која се одразува преку зголемено присуство на бактерии.
„Податоците јасно покажаа дека концентрацијата на психрофилни и мезофилни бактерии, колиформни бактерии, ентерококи и ешерихија коли постепено се зголемува од изворот на реката Вардар кај Вруток кон пониските делови од течението во Скопје, Велес и Валандово. Истите бактерии беа детектирани и во почвите во непосредна близина на реката, особено во Валандовскиот регион, што јасно укажува дека фекалното загадување на речната вода може директно да влијае врз здравјето на почвениот микробиолошки екосистем. Импликациите од овие податоци се од исклучителна важност, бидејќи укажуваат на очигледна закана за безбедноста на храната и јавното здравје“, посочуваат од МЕД.


