Мециновиќ: Да закажеме дебата за утре на „Телма“, Ѓорѓиевски да дојде ако се прибрал од митинг
Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, вечерва упати повик до неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, како и до телевизијата „Телма“, да организираат дебата во нов термин утре, откако Ѓорѓиевски го откажа веќе прифатеното учество на дебатата закажана за вечерва.
Препорачано
Ѓорѓиевски претходно објасни дека го откажал учеството поради тоа што во исто време се одржувал завршниот митинг од неговата кампања пред вториот круг од локалните избори во недела.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, во статус на „Фејсбук“ ја обвини „Телма“ дека не го поканила Мециновиќ да гостува сам откако откажа Ѓорѓиевски, иако телевизијата тоа го правела со други кандидати. „Телма“ одговори дека Мециновиќ бил поканет на интервју, но одбил.
Кандидатот на Левица сега предлага утре да се организира нова дебата на истата телевизија, на која ќе дојде и Ѓорѓиевски, а во спротивно тој би гостувал сам.
„Вечерва требаше да се одржи дебата меѓу мене и Орце Ѓорѓиевски на покана на ТВ Телма, која тој пред два дена ја прифати пред очите на целата македонска јавност, за потоа да ја откаже. Во мало несогласување со уредништвото на телевизија Телма, кое професионално се обиде да ја организира дебатата од која владиниот кандидат избега, а притоа не беше меѓусебно јасно искомуницирана можноста за мое поединечно интервју, дојде до оваа нова вест која сега циркулира во јавноста, за што не е виновна ниту една страна. Сметам дека во духот на добрите принципи на соработка и позитивната атмосфера на демократскиот процес, како и во интерес на нашите граѓани, можеме да се обидеме уште еднаш, со телевизија Телма, да закажеме дебата на која владиниот кандидат ќе дојде, доколку се прибрал од митингот од вечерва. Во секој случај, јас сум достапен да дојдам и сам утре во ТВ Телма. Инаку, за потсетување утре го организираме и Вториот скопски марш и почнуваме од 9 часот кај споменикот на кружниот тек во Ѓорче. Се гледаме утре!“, пишува Мециновиќ во објавата.


