Апасиев ја обвини „Телма“ за двојни стандарди, телевизијата реагира: Мециновиќ беше поканет сам на интервју
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во објава на социјалните мрежи вечерва ја обвини телевизијата „Телма“ дека покажала двојни стандарди кон кандидатот на партијата за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ. Ова доаѓа откако противкандидатот на Мециновиќ, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, го откажа учеството во договорената дебата.
Препорачано
Според Апасиев, на Мециновиќ потоа не му било понудено самиот да гостува на „Телма“, иако вчера на телевизијата сам гостувал Стевчо Јакимовски, откако неговиот противкандидат за Карпош, Сотир Лукровски, се откажал од таа дебата.
„Синоќа, СОТИР од ДПМНЕ откажал дебата на Телма. Сам си гостуваше Стевчо од Карпош. И така е редот. Чим не идеш, другиот си фура без тебе. Нема љутиш. 🫡 Арно ама… Денес ОРЦЕ од ДПМНЕ исто откажа дебата на Телма. И Телма, наместо да фураат само со Амар (кој прифати и планираше гостување) – скроз ја откажаа дебатата, без да му дадат шанса на АМАР сам да си гостува (коо синоќа на Стевче)!? Како бе вака со двојни стандарди? Едни за граџаните, други за левичарите. А ќе речеш “професионалци” од национална ТВ!?“, пишува Апасиев во статусот.
На ова реагираше телевизија „Телма“, од каде велат дека му понудиле на Мециновиќ да гостува во формат на интервју, наспроти тврдењата на Апасиев.
„Вистината е сосема поинаква. По одбивањето на дебатата од Ѓорѓиевски, уредниците на Телма зборуваа со Мециновиќ, при што му беше понудено да дојде на интервју, истиот ден за кога беше закажана дебатата, по истиот принцип на кој гостуваа и други кандидати. Мециновиќ културно се заблагодари на нашиот професионален однос, но не ја прифати поканата. Што се однесува до дебатата што планиравме да се одржи на ТВ Телма, потенцираме дека ние не најавивме дебата, затоа што до последен момент чекавме потврда од двајцата кандидати. Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, а Ѓорѓиевски во текот на вчерашниот ден испрати известување дека нема да гостува“, велат од „Телма“.


