Мечка среде бел ден влегла во трло со овци во Битолско, успеала да задави една
Мечка утрово нападнала стадо овци во атарот на битолското село Крклино, при што една овца настрадала. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој посочи дека настанот бил пријавен околу 9:30 часот.
Препорачано
Според информациите, нападот се случил под манастирот во близина на каналот на хидросистемот „Стрежево“. Сопственикот на стадото веднаш го пријавил случајот во СВР Битола, по што полициска екипа излегла на терен, извршила увид и го документирала настанот.
Коњановски информираше дека за случајот биле известени и Центар за управување со кризи, како и инспектор за лов при Државниот инспекторат за шумарство и ловство.
„Ќе биде испратен допис до Министерството за земјоделие и Министерството за животна средина, кои се надлежни за постапување во вакви ситуации, со цел да се преземат соодветни мерки“, наведува Коњановски.
Од локалната самоуправа потсетуваат дека мечката е животински вид кој е законски заштитен, поради што сите понатамошни активности ќе се спроведуваат во координација со надлежните институции.
Пред две недели, мечка задави десетина овци во бачило над тетовското село Камењане.
Во Битола, пак, пред само една недела мечка беше снимена како трча низ градот, во близина на паркот.


