МД „Илинден” го актуализира прашањето за 24-ри часовна работата на граничниот премин Џепиште-Требиште кај Дебар

Македонското друштво „Илинден” – Тирана го актуализираа прашањето околу граничниот премин Џепиште – Требиште во близина на Дебар, со барање да функционира 24 часа.

Се бара од владите на двете земји под итно да се ангажираат околу ова прашање, зашто повеќе од неопходно е овој премин, кој е отворен во мај 2013 година, да функционира 24 часа.

Претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, потсетува дека владите на надвете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донеле одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа.

– Ако овој граничен премин работи 24 часа тоа ќе биде од голема полза за жителите на Голо Брдо бидејќи сега работи со ограничено време и создава проблеми во комуникацијата и патувањето за Македонија. За нив поблиску е да патуваат до Дебар, отколку до најблискиот албански град Пешкопеја. Повторуваме дека итно бараме да се реши овој голем проблем за Македонците во областа Голо Брдо, зашто во зимскиот период, кога има обилни снежни врнежи, областа со денови останува завеана и единствен најблизок излез е токму овој премин, па тешко болните се носат во болницата во Дебар, изјави Ѓурѓај за МИА.

Со ова, оценува тој, ќе им се помогне на Македонците од областа Голо Брдо бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа Голо Брдо, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици.

Граничниот премин за локален граничен сообраќај Џепиште – Требиште работи од 8:00 до 20:00 часот во летниот период и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период. Преминот е наменет за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 година по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила.

Прашањето околу реализацијата на одлуката донесена на заедничката седница на владите, за работата на овој граничен премин, на седница на албанскиот Парламент го актуализира и пратеникот Васил Стерјовски од име на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и по барање на Македонците од оваа област

Извор.МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот