Маскирани насилници упаднаа на универзитет во Атина, втор сличен инцидент во неколку недели
Група од околу 20 маскирани луѓе вчера упаднала во универзитетскиот кампус во Атина во близина на Политехничкиот факултет. Во инцидентот, кој е втор сличен за една недела, полесно била повредена една жена, јавува „То вима“.
Препорачано
Минатата среда, студент беше повреден при сличен напад на Правниот факултет, исто така од група маскирани напаѓачи.
Според грчките медиуми, денешниот инцидент се случил кога маскираната група со кациги и палки сакала да залепи постери во пресрет на студентските избори пред студентско бифе. Ним им се спротивставила жената која работи во бифето, при што таа била полесно повредена, а групата и го оштетила објектот.
Ова е втор инцидент во изминатите пет дена, откако во среда за време на настан на Правниот факултет, помала група маскирани напаѓачи им се нафрлија на студенти и професори, а еден студент со повреди на главата беше пренесен во болница.
По овој инцидентот на Правниот факултет, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во саботата свика неформален состанок за безбедноста на универзитетите со учество на надлежните владини претставници и било одлучено, во следните неколку дена, Министерството за образование да презентира конкретни предлози, кои ќе бидат преточени во итни иницијативи.
Грчки владини извори за состанокот брифираа дека ставот на сите учесници бил дека е неопходно за насилниците да постојат последици и на кривично и дисциплинско ниво.


