Марјан Доказ повторно е пренесен од притвор во болница

Сопственикот на порталот „Доказ“ Марјан Стаменковски денеска од притворот во Шуто Оризари повторно е пренесен во болница, откако претпладнево околу 11 часот повторно се пожалил на болки во градите. Тој прима терапија откако завчера беше итно примен на Клиниката за кардиологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, која потоа своеволно ја напуштил. Денеска брзата помош одлучила дека треба повторно да се транспортира, по што е префрлен во Градската болница „8 Септември“.
Стаменковски е во притвор по обвиението против него за повеќе кривични дела, две за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, како и за уцена, пиратерија и за злоупотреба на лични податоци. Кривичните пријави му ги поднесоа лица кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал, преку кои се ширела омраза, како и лице кое било уценувано. Тој беше приведен на 9 февруари и му беше одреден притвор, а по претсрес во неговиот дом беше одземена документација, мобилни телефони и други електронски уреди и поголема сума пари.
Судскиот процес против него е во тек.