Маричиќ: Не бегаме од отворените прашања со Софија, но односите не можеме да ги градиме само врз нив

Бојан Маричиќ / Фото: Фејсбук, Бојан Маричиќ

Ние не бегаме од отворените прашања, меѓутоа не можеме да дозволиме односи меѓу Северна Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво”, запрашан да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека е добро е што се формираат работни групи и меморандуми во однос на инфраструктурата и економија, но меѓутоа „прво треба да се решат оние тешки политички клучни прашања”.

– Сметаме дека има потенцијал во многу други области, впрочем затоа се формираа и овие работни групи каде што може преку конкретни форми на соработка да се покажат резултати, да се приближат граѓаните, да се смени атмосферата за да можеме да ги решаваме сите отворени прашања, вклучувајќи ги и овие, но во никој случај, ниту на средбите, ниту во нив не сме ги избегнувале отворените прашања, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Тој нагласи дека двете земји не можат да ги оствариме целите за зголемена соработка, топење на мразот и остварување на успех, доколку не направат и конкретни чекори и не покажат и конкретна добра волја.

– Овој денешен настан, денешнава конференција ја гледам како еден од серијата настани коишто се случуваат последниве две недели и коишто придонесуваат за таа позитивна енергија, добра волја, да добие и конкретен израз меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Не е доволно само државните институции и политичарите да прават напори, многу е важно и интелектуалците, универзитетите и сите останати општествени чинители, да дадат свој придонес. И во таа смисла, навистина го поздравувам овој настан и мислам дека има голем ефект и ќе има голем ефект доколку се продолжи во овој серијал, рече Маричиќ.

Тој потенцира дека и како влади и како држави се должни да ги одгледуваме и воспитуваме младите во еден европски дух и со европски принципи, затоа што, како што рече, само така можеме да имаме одржливо добри односи, добри односи на долг рок и решавање на проблемите во европски дух.

– Мислам дека токму вакви настани помагаат да се воспитаат и одгледаат младите генерации во тој европски дух и да ги решаваат сите разлики и сите проблеми преку еден отворен дијалог и со добра волја од двете страни. Убеден сум дека од двете страни на границите и кај нас и во Северна Македонија и во Бугарија, мнозинството од луѓето се со добра волја. Време е во овој период тие луѓе со добра волја, коишто сум убеден дека се мнозинство, да работат заедно, да работат како сојузници за да постигнеме резултати, да ги вратиме односите на ниво на коешто заслужуваат и да ги започнеме преговорите со ЕУ што поскоро, рече тој.

Одговарајќи на новинарско прашање Маричиќ истакна дека не е добро да се лицитира со временски рокови околу барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот.

– Утврдување и јавно искажување на какви било временски рокови до сега воопшто не ни помогнаа во разговорите. Ние сме се уште во фаза во која што ги изнесуваме позициите и од едната и од другата страна во која што бараме начини како отворените прашања по коишто имаме различни позиции да ги решиме и да ги ставиме во еден план којшто ќе не доведе до подобрување на односите и отстранување на пречките за почеток на преговорите. Ние, нашата Влада, повеќе пати јавно истакнавме дека поради нашиот концепт на Уставот утврден уште во 2001 со Охридскиот рамковен договор, немаме проблем да ги впишеме во нашиот Устав и други заедници коишто досега не се вклучени, како хрватската заедница, и црногорската, и бугарската заедница. Така што, постои јасна политичка волја за тоа. Нашиот став е дека тоа треба да се направи пред нашето влегување во ЕУ. Останува во наредниот период во разговор и отворен дијалог со Бугарија да најдеме и начин, меѓутоа и временски рок којшто ќе биде најсоодветен за тоа, рече тој.

Вицепремиерот Маричиќ потенцира најави дека во наредните неколку недели ќе имаат средба и со опозицијата

– Како што спомна премиерот Ковачевски вчера имало телефонски разговор меѓу него и лидерот на опозицијата. Јас сум убеден дека во наредниот период, во наредните неколку недели ќе има средба и со опозицијата. Впрочем нашата Влада и СДСМ секогаш биле отворени за дијалог и во минатото кога беа потребни двотретински и за двотретински закони и за уставни промени, ние се убедувавме и работевме со опозицијата, Така ќе биде и овој пат, рече вицепремиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот