Манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија го афирмира нашето уметничко богатство
Министерството за култура и туризам информира дека е во тек манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија. Оваа манифестација е исклучителна можност за промоција на богатото културно наследство и високото уметничко творештво на Република Северна Македонија пред европската јавност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Програмата опфаќа внимателно одбрани содржини од различни области на културата, кои нудат уникатно доживување за публиката. На 2 мај 2026 година балетот при НУ Национална опера и балет настапи во Антверпен со балетската класика „Лебедово езеро“, со која преку висок уметнички израз и современа сценска естетика се афирмира македонската балетска уметност на меѓународната сцена.
На 4 мај 2026 година, ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески во киносалата „Cinema Galeries“ во Брисел. Ова остварување ја отсликува филмската продукција и креативниот потенцијал на македонската кинематографија.
На 5 мај 2026 година, НУ Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија ќе настапи во култниот културен центар „Божар“ со енергичен спој на македонска народна музика и современ џез.
До крајот на 2026 година, планирана е и изложба на Теракотни икони од Виница во Европскиот Парламент. Изложувањето на овие икони, кои претставуваат уникатна археолошка и уметничка појава во ранохристијанската уметност во Европа, е од исклучително значење за меѓународна афирмација на културното наследство на Република Северна Македонија.
Манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија претставува можност за сите љубители на уметноста да ја почувствуваат автентичната енергија на македонската култура и истата очекуваме дека ќе има значителни афирмативни ефекти за презентација на нашата држава во меѓународен контекст, известија од Министерството за култура и туризам.


