Манасков по ремито со ПСЖ: Ова е патот по кој тимот треба да оди понатаму во првенството
Ракометарите на Еурофарм Пелистер на најдобар можен начин го одиграа последниот домашен меч во Лигата на шампионите пред битолската публика ремизирајќи против европскиот гигант ПСЖ.
Препорачано
Македонскиот првак во последната рунда ќе има гостување кај Барселона, но пред да мисли на тоа, на последниот натпревар дома против моќниот ПСЖ се избори за бод (34:34).
При резултат 32:34 се доби впечаток дека Еурофарм Пелистер ќе доживее уште еден тесен пораз, но во финишот следеше рапсодија на теренот, во која Дејан Манасков постигна гол во завршните секунди за 34:34 и ерупција на трибините.
Левото крило Манасков го заврши мечот со пет голови.
– Возбудлив натпревар. Можеше да заврши со наша победа, но и со пораз. На крајот, успеавме да постигнеме гол на самиот крај и да освоиме бод. Мислам дека се покажавме во одлично светло за последен пат оваа сезона во Лигата на шампионите во Битолa. Ова е патот по кој тимот треба да оди понатаму во првенството – се зборовите на Манасков на официјалниот сајт на ЕХФ.
На 11 март во Шпанија, играчите на Стевче Алушовски ќе го играат својот последен натпревар во ЛШ оваа сезона против Барселона, а четири дена подоцна ги очекува важен дуел против Вардар 1961 во домашниот шампионат каде моментно водат скопските „црвено-црни“ со 44 бодови, четири повеќе од битолскиот тим.


