МАМАВИЗИЈА | Жаклина Пешевска: Кога бев во притвор, најболно ми беше што не можев да бидам мајка
-Дента пред да ме уапсат, се сеќавам, правевме планетарен систем од пластелин со Марија. Кога утрото дојде полицијата ја паметам Марија како со малите рачиња ги држи „планетите“ збунето, а јас уште позбунета подоцна размислив дека не ѝ дадов пари за ужина тој ден – низ солзи во очите се присетува пратеничката Жаклина Пешевска за апсењето за „27 април“.
Пешевска срдечно ја прифати поканата да ја раскаже својата мајчинска приказна во „Мамавизија“. Таа за првпат пред јавноста открива детали од нејзиниот приватен живот. Пешевска е горда мајка на три деца Стефан (23), Марија (18) и Матеј (12). Пред предизвиците коишто ѝ ги носел животот секогаш се исправувала и како што вели денес чекори со гордо крената глава и секого може да го погледне во очи.
Се омажила многу млада, но не очекувала така брзо да стане мајка.
– Ние со Александар се земавме уште додека студирав, но не размислував дека тогаш сакам да станам мајка. Кога останав бремена не се израдував, дури и плачев, сите околу мене се радуваа, јас плачев. Сакав да завршам факултет, да созреам уште малку, па затоа почнав да размислувам да абортирам. Но една реченица на гикенкологот за миг го смени моето мислење: „Благословена жена сте, чекате дете“. По овие магични зборови одлучав да го задржам детето. Сега гледано, воопшто не се согласувам со Жаклина од тоа време – се присетува Пешевска.

Слична ситуација имала и кога останала бремена со третото дете.
– Кога останав по трет пат бремена повторно непланирано и неочекувано, сметав дека е несоодветно во тој период од мојот живот. Иако, отсекогаш сум сакала многудетно семејство, бидејќи и јас потекнувам од големо семејство, ние сме шест деца. Сметајќи дека не е вистинско време за бебе, повторно на преглед на гинеколог се случува пресврт. Докторката ми даде да ја слушнам срцевата реакција на плодот. Јас не можев да се смирам од плачење. Кога ѝ соопштив дека сакам да го абортирам, одново нови магични зборови: „Како да абортирате трета среќа?!“. Среќна сум што го задржав Матеј, кој навистина ме прави среќна – вели таа.
Во емисијата Пешевска отворено раскажува и за денот кога ја уапсиле и за целиот тој мачен период што го поминала.
– Најтешко од сè ми беше што не можев да бидам мајка. Психички многу тешко ги поднесов тие денови.. Не бев способна да правам ништо. Посетував психијатар и децата, поголемите, ги носев. Многу трауматичен период за целото наше семјество. Бидејќи постојано полицијата правеше контрола кај нас дома. Матеј ме прашуваше: „Тепат цајците?“. Морав да ги ублажувам работите пред децата, ги молев цајканите да пристапуваат со него „другарски“ за да не се исплаши. Тогаш посакав да не се враќам во политика, сфатив дека мојот живот е голем стрес за моето семејство. Но, поголемиот син, Стефан, на 15 години ми одржа лекција и ме мотивираше да продолжам со мојата работа во којашто сум најдобра – вели таа.

За нејзината мајка зборува со уста полна најубави епитети. Таа е нејзината ѕвезда водилка, жената која самостојно ги израснала сите деца. Жаклина е во голема фамилија, таа има брат близнак, а инаку се вкупно шест деца. На млади години ја изгубиле мајка си.
Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


