Жаклина Пешевска/ фото: Драган Митрески/Слободен печат
Жаклина Пешевска/ фото: Драган Митрески/Слободен печат

МАМАВИЗИЈА | Жаклина Пешевска: Отсекогаш сакав многудетно семејство, бидејќи потекнувам од такво

Пратеничката Жаклина Пешевска ја раскажува својата мајчинска приказна. Таа за првпат пред јавноста открива детали од нејзиниот приватен живот. Пешевска е горда мајка на три деца Стефан (23), Марија (18) и Матеј (12). Пред предизвиците што ѝ ги носел животот секогаш се исправувала како феникс и како што вели денес чекори со гордо крената глава и секого може да го погледне во очи.

Се омажила многу млада, но не очекувала толку брзо да стане мајка.

– Ние со Александар се земавме уште додека студирав, но не размислував дека тогаш сакам да станам мајка. Кога останав бремена не се израдував, дури и плачев, сите околу мене се радуваа, јас плачев. Сакав да завршам факултет, да созреам уште малку, па затоа почнав да размислувам да абортирам. Но една реченица на гикенкологот за миг го смени моето мислење: „Благословена жена сте, чекате дете“. По овие магични зборови одлучав да го задржам детето. Сега гледано, воопшто не се согласувам со Жаклина од тоа време – се присетува Пешевска.

Слична ситуација имала и кога останала бремена со третото дете.

– Кога останав по трет пат бремена повторно непланирано и неочекувано, сметав дека е несоодветно во тој период од мојот живот. Иако, отсекогаш сум сакала многудетно семејство, бидејќи и јас потекнувам од големо семејство, ние сме шест деца. Сметајќи дека не е вистинско време за бебе, повторно на преглед на гинеколог се случува пресврт. Докторката ми даде да ја слушнам срцевата реакција на плодот. Јас не можев да се смирам од плачење. Кога ѝ соопштив дека сакам да го абортирам, одново нови магични зборови: „Како да абортирате трета среќа?!“. Среќна сум што го задржав Матеј, кој навистина ме прави среќна – вели таа.

Во емисијата Пешевска отворено раскажува и за денот кога ја уапсиле за „27 април“ и за целиот тој мачен период што го поминала.

– Најтешко од сè ми беше што не можев да бидам мајка. Психички многу тешко го поднесов тоа. Не бев способна да правам ништо. Посетував психијатар и децата, поголемите, ги носев. Многу трауматичен период за целото наше семјество –вели таа.

Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот