Бисера Костадиновска Стојчевска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

МАМАВИЗИЈА | Костадиновска-Стојчевска: Ќерка ми влезе во политика уште неродена, којзнае, можеби ќе тргне по моите стапки

„Мојата мајка ми е најдобра другарка “, вели за „Мамавизија“ поранешната министерка за култура, денес пратеничка од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која за првпат во јавноста проговори за нејзиното мајчинство.

– Мајка ми е многу силна жена која отсекогаш ми влевала самодоверба. Од дете, а и ден денес имам стравопочит кон неа , но не страв. Таа релација сакам да ја постигнам и јас со моите деца – вели Костадиновска-Стојчевска.

Таа е мајка на десетгодишниот Петар и петгодишната Ана.

– На 29 години останав првпат бремена. Две години претходно го загубив во страшна сообраќајна несреќа мојот помал брат, кој имаше само 32 години. Тогаш ми помина мислата и посакав да станам мајка на повеќе деца. Син ми го крстивме во чест на мојот брат, сакав тоа име да остане во моето семејство – се присетува за „Мамавизија“ Костадиновска-Стојчевска.

Пред да ја добие ќерката Ана, таа имала вонматерична бременост.

– Паметам, тогаш ме тешеа дека било многу рано, дека не е толку страшно, но јас периодот кога ми се случи вонматеричната бременост го поминав многу стресно. Жалам што Ана сега не е трето дете, но желбата за многудетно семејство постои сè уште, па којзнае – вели низ смеа нашата соговорничка.

Бисера Костадиновска Стојчевска / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Споредувајќи ги првата и втората бременост, како што вели Костадиновска-Стојчевска, тие биле драстично различни.

– Кога бев бремена со Петар, тоа беше далеку поспокен период, работев само на факултетот и имав неизмерна поддршка од моите колеги. За разлика од тоа, бременоста со Ана за мене значеше комплетно менување на мојот живот. Тогаш кога дознав дека сум на пратеничка листа, дознав и дека сум бремена. Ќе споделам дека од партијата за тоа дека сум бремена прва дозна Радмила Шекеринска. Паметам, ми рече да не се грижам и да донесам правилна одлука како се чувствувам. „Воопшто да не се грижиш, па јас излегов од Комисија за да се породам.“ Вака гласеа нејзините зборови. Размислував да се повлечам од политиката, но поддршката од моите дома, дека ќе бидат со мене, посебно мојата мајка која ми даде кураж да не се откажувам, ме охрабрија јас и Ана во стомакот (се смее) да влеземе во политика – вели Костадиновска-Стојчевска.

Во тој период имало уште една трудница од ДУИ, двете родиле ќерки, па се шегувале дека родиле политичарки.

– Претпоставував дека ќе ме прашате дали сакам моите деца еден ден да станат политичари. Првично ќе ви одговорев директно негативно, но ако подобро размислам, доколку нивната мајка успее да ги промени нештата во нашата политика и во нивно време постигнемне добри услови, зошто да не тргнат по моите стапки? – вели таа.

Според нашата соговорничка, политичарките немаат достоен живот како идни мајки или мајки и тоа треба да се промени. Во емисијата раскажува за земји каде што во Парламентот имаат соби за бебиња, каде што пратеничките дојат и каде што во склоп на зградите има игротеки. Како што вели, поборник е ова да стаса и во Собранието на Република Македонија.

Бисера Костадиновска Стојчевска / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Костадиновска-Стојчевска во емисијата го покренува прашањето за говорот на омраза и притисокот што се случува на социјалните мрежи како едно маргинализирано прашање. Открива период кога живеела во сериозен страв и не можела сама да оди до продавница поради заканите што ги добивала за себе и за нејзиното семејство.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

МАМАВИЗИЈА | Зоран Крстевски: Иако сум разведен, јас не сум за развод, децата заслужуваат и мајка и татко

МАМАВИЗИЈА | Ампева: Тоа што ѝ се случи на ќерка ми го разбуди активизмот во мене, претходно бев послушник

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот