Малиот Илче закрепнува на Детска Клиника со висококалорична исхрана

Фото: МИА

Единаесетгодишниот Илче од Охрид, дете со церебрална парализа, кое беше напуштено од двајцата родители и префрлено на Детската клиника во Скопје е во стабилна состојба и преку сонда добива висококалорична храна за да се опорави. Илче на Клиниката беше донесен во екстремна потхранетост, со контрактури и за медицинска проценка, иследување и третман, откако со недели не јадел ништо повеќе од чаша млеко дневно, а неподвижен и беспомошен лежел на чергиче во една соба во куќа во Охрид.

-Во секој момент го очекуваме резултатот од неговиот брис за Ковид 19 по што ќе го пренесеме на одделение. Нема никакви симптоми на Ковид но сепак ќе го почекаме резултатот. Стабилизирана му е состојбата и е на нутритивна поддршка и ќе остане хоспитализиран, се додека состојбата не дозволи да биде отпуштен од болницата, велат од Детската Клиника за ,,Слободен печат”.

Единаесетгодишниот Илче живеел со тешката медицинска состојба без родителска грижа и институционално запуштен. Според изјава на директорката на Центарот за социјални работи Охрид, детето не било искапено една година, а преживувало со една чаша млеко дневно. Министерството за труд и социјална политика ќе го згрижи детето во мал групен дом во Демир Капија, откако ќе помине периодот на рехабилитација од долгата запоставеност низ која поминало.

УЖАС: 11-годишното дете со церебрална парализа, не било искапено една година!

Во меѓувреме, мајката на Илче, која е со попреченост и психички нарушувања, се вратила дома во куќата во Охрид. Таа, наместо помош од институциите и згрижување, доби кривична пријава за запоставување на своето дете иако и самата не е во состојба да се грижи за него на задоволителен начин поради здравствените проблеми.

Дисфункционалноста на ова семејство е повеќегодишна. Случајот на единаесетгодишното дете со церебрална парализа го привлече вниманието откако човекот што го чуваше, преку Купи продај огласник побара помош да се лоцираат родителите, зашто бил оставен сам да се грижи за детето, а немал никаква терапија да му даде, ниту пак медицинска компетенција да знае како да лекува дете со церебрална парализа. На фамилијата им помогнале од Црвениот крст со еднократна помош во хигиенски средства.

Министерот за здравство Венко Филипче, по објавата на сторијата на Слободен печат лично се заинтересира и испрати екипа на Брза помош да го земе момчето со претходна согласност од оние што го чуваат, за да му бидат извршени сите медицински прегледи кои му се неопходни на Клиниката за детски болести во Скопје.

11-годишното момче со возило на итната помош и со ургенции на Филипче се префрла на Детска Клиника во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот