Фото-Фејсбук

Мали тајни како да подготвите здрави оброци

Зошто ладно цеденото маслиново масло не се користи за пржење, а совршено одговара за салата? Зошто морковот треба добро да се свари, а тестенините да се „ал денте“? Ова се само мали тајни за тоа како да подготвите здрави оброци.

Не е важно само што јадете. Начинот на готвење исто така има пресудно значење за тоа колку вашата исхрана е здрава. Така, на пример, кога компирите се варени, неговите скробни клетки набабруваат и пропаѓаат, а тој процес е познат како желатинизација на скробот. Тоа овозможува полесно варење на компирот во желудникот. Но кога компирите ќе се изладат по готвење, нешто од желатинизираниот скроб се претвора во кристална структура на скробот, која тешко може да се свари во желудникот и се вика отпорен скроб. Тој влијае на метаболизмот исто како житарките кои содржат растителни влакна – завршува во дебелото црево и помага во подобро функционирање на дигестивниот тракт.

Ладно цеденото маслиново масло не е за готвење

Ова масло е богато со омега-6 масти, поради што многумина се решаваат да го користат во исхраната. Но од друга страна тоа е слабо процесирано и има ниска точка на горење – тоа е онаа температура при која маслото почнува да чади и ги губи квалитетните својства. Исто така, на таа температура маслото го менува хемискиот состав и има повеќе слободни радикали, штетни молекули кои се непријатели на нашите клетки. Затоа ова масло не е добро за термичка обработка на висока температура и подобро е да се користи во салати и маринади.

Profimedia

Морковот добро сварете го

Италијанските нутриционисти утврдиле дека во споредба со суровиот или непечен морков, варениот има повисоко ниво на антиоксиданти, кои телото ги користи за да произведе витамин А. Тој е важен за раст, репродукција, имунитет, здрава кожа, коса и очи. Исто така 100 грама варени моркови содржат 28 мг витамин Ц, што е незначително помалку од 31 мг, колку што содржи свежиот морков. Значи варењето не предизвикува губење на витамините, но го зголемува нивото на други корисни елементи.

Чајот варете го барем една минута

Чајот во себе содржи полифенол – антиоксидант што ги штити клетките на срцето. Тој се ослободува само кога чајот е провриен и отстоен 1-4 минути во врела вода. Британците кои во чајот редовно додаваат млеко, спровеле истражување дали тоа го намалува нивото на полифенол и не дошле до соодветно точни резултати. Некои тестови кажуваат дека го намалува, а други дека нема никакво влијание.

Тестенините се најздрави „ал денте“

Тестенините имаат низок гликемички индекс, што значи дека подолго го задржуваат чувството на ситост. Но, за да се случи тоа, мора да се варени „ал денте“ – односно да не се преварени. Тогаш ензимите од системот за варење мора подолго да дејствуваат за да го претворат скробот во шеќер, па тој побавно се ослободува во крвотокот. Поради тоа подолго време остануваме сити и полесно ја контролираме телесната тежина. Ако тестенините се преварени, гликемичкиот индекс расте, скробот побрзо се претвора во шеќер, односно има обратен процес. Затоа барем 2-3 минути пред препорачаното време за варење, пробајте колку е сварена тестенината и така избегнете преварување.

Маслото е добро за салата

За да може организмот да ги апсорбира важните антиоксиданти што ги содржи салатата, потребни ни се маснотии, а тие го зајакнуваат срцето и го намалуваат ризикот од рак. Научниците од Универзитетот во Охајо откриле дека консумирањето свежа салата зачинета со масло му помага на телото да го добие ликопенот од доматите, бета-каротенот од морковите и лутеинот и зеаксантинот од зелената салата. Што повеќе масло во преливот, повеќе антиоксиданти во телото.

Месото динстајте го и варете го

Месо на скара или на жар обично се препорачува како начин за подготовка што ги редуцира маснотиите. Но во едно истражување на Американскиот национален институт за канцер дојдено е до податоци дека преработките од месо на високи температури предизвикуваат создавање штетни хемикалии (хетероциклични амини и полициклични ароматични јаглехидрати) кои се поврзани со предизвикување канцер. Затоа препорачливо е месото да се готви на ниски температури и да не загори. Динстањето и варењето на месото секако е подобар избор, особено ако додадете многу зачини и тревки. Рузмаринот, на пример, во голема мера го оневозможува создавањето хетероциклични амини. Слично влијание имаат коријандерот, кимот и куркумата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот