Реплика на тираносаурус / Фото: EPA-EFE/LORENZO HERNANDEZ

Максималната големина ја достигнувал околу 40-годишна возраст: Анализа открива нешто сосема ново за тираносаурусот

Тираносаурус рекс својата максимална големина ја достигнувал дури околу 40-годишна возраст. Ова е околу 15 години подоцна од претходно проценетото, според новата студија во која била анализирана микроструктурата на коскеното ткиво во коските на нозете на 17 фосилни примероци од овој вид диносаурус.

Истражувачите користеле поларизирана светлина за да идентификуваат прстени за раст во коските, слични на оние што се наоѓаат кај дрвјата, и откриле дека тираносаурусот имал флексибилен модел на раст – некои години растел бавно, додека во периоди на поволна достапност на храна растел побрзо, пишува „Ројтерс“.

Палеохистологот Холи Вудворд од Центарот за здравствени науки на Државниот универзитет во Оклахома истакнала дека поголемиот дел од животот на тираносаурусот  го поминувал во младешка до субадуларна големина, што му овозможило да преживее во сурови услови и да ги надвладее конкурентите за ресурси.

Претходните истражувања сугерирале дека животниот век на овој диносаурус бил околу 30 години, додека новата студија, според палеонтологот Џек Хорнер од Универзитетот Чепмен, проценува дека овие животни можеле да живеат помеѓу 45 и 50 години.

Студијата објавена во списанието „ПирЏеј“ вклучува поголем број примероци и примени нов статистички пристап за попрецизна проценка на траекторијата на раст низ сите фази од животот.

Според истражувањата, тираносаурусот достигнал должина од повеќе од 12 метри, имал масивна глава и моќен загриз, одел на две силни нозе, додека рацете му биле мали со два прста.

Терминот тираносаурус значи „тиранин гуштер“, додека рекс значи крал, поради што многумина го нарекуваат крал на диносаурусите или крал на гуштерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот