Македонските извидници на централна прослава во Прилеп, побараа поддршка за младите

Извидници / фото МИА

Повеќе од 400 извидници денеска на Могилата на непобедените во Прилеп беа дел од централната прослава на Сојузот на извидниците на Македонија. Во рамките на прославата во Сојузот кој брои над 3000 членови во земјава се примени новите, најмлади извидници од 6 до 10 години кои ја положија извидничката заклетва. Дел од прославата е и движењето на извидниците по трасирана патека низ градот со бројни забавни активности.

Како што вели Бобан Москов, претседател на Сојузот на извидници на Македонија ова е година на одбележувањето голем јубилеј: 70 години од Сојузот на извидниците на Македонија. Извидничкото движење кое во светот има околу 60 милиони членови е големо и влијае на формирањето на карактерот, доблесните особини кај младите и формирањето на сигурна и одговорна личност.

– За првпат оваа централна манифестација на Сојузот се случува надвор од Скопје. Одлучивме да биде во Прилеп. Имаме поддршка од прилепскиот извиднички одред „Феникс“ и од градоначалникот. Имаме околу 400 извидници од цела Македонија. Овде ќе дадат завет и во извидничката организација ќе се придружат малите членови, од 6 до 10-годишна возраст. Предвидено е да имаме патека низ градот со контролни точки. Младите ќе се забавуваат и ќе уживаат. Годинава одбележуваме и 70 години од постоењето на Сојузот на извидните. Имаме континуитет и како организација се трудиме младите да ги упатиме на вистинскиот пат, да бидат сигурни и одговорни личности кои ќе придонесуваат во општеството, рече Москов.

Срна Мајсторовиќ, координатор за програма во Сојуз на извидници на Македонија вели дека извидништвото е начин на живот и се залага за мир и за подготвување на младиот човек да има конструктивна улога во општеството.

– Извидништвото за мене е начин на живот. Од мала сум во организацијата. Пораснав, се доградував како личност. Извидништвото е движење кое промовира мир, традиционални вредности кои треба да го подготват младиот човек да има конструктивна улога во општеството, да може да се снајде секогаш. Работиме и на практични, животни вештини. Се работи на развивањето на тимскиот дух, смета Мајсторовиќ.

Ана Плетварец од Сојузот и началник на извиднички одред „Феникс“ од Прилеп и Елисавета Лукановска, од Сојузот на извидници на Македонија потенцираат дека во денешното технолошко време, многу значи социјализацијата и оформувањето на вистинска млада личност.

– Има многу голем интерес на младите да бидат извидници. Овие активности стануваат атрактивни за младите, во денешно време кога сме пренатрупани со технологијата, се поголем е интересот да се биде на отворено, да се дружиме да се социјализираме и секако, да изградиме извиднички вештини кои прераснуваат во животни вештини. Државата треба и финансиски да помогне, ние сме непрофитна доброволна организација и, едноставно, да нè промовира како организација која придонесува за подобро утре на државата, вели Плетварец.

– Извидништвото не е само умешност да се врзе јазол, туку е стекнување животни вештини и оформување карактер кај младата личност. Имам 25 години и се обидувам и настојувам да се најдам себе си во државава, да го дадам од себе она што го умеам, уверена е извидникот Лукановска.

Дарко Тошиќ смета дека потребни се повеќе волонтирања и поддршка од државата за младите да стигнат на вистинскиот пат и да се реализираат во својата татковина.

– Недостасуваат повеќе активизам, волонтерство, правилни вредности кои се трудиме да ги негуваме, да се изградат млади во возрасни личности со повеќе вредности. Државата треба да помогне со институционална поддршка, со поддршка во настани, за програми кои се имплементираат за младите, со вклучување на младите во организациите и поддршка на стратегии и насоки за млади, во имплементирање акциски планови и програми во подобрување на образовниот систем, формалниот и неформалниот, вели Дарко Тошиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот