Македонските и бугарските историчари разговарале за учебниците по историја

Фото: МИА

Прашањата за учебниците по историја во Македонија и Бугарија, врз основа на меѓусебно разменетите забелешки, биле дискутирани на 23-та средба на мешовитата историска комисија, што се одржа во изминатите два дена.

– Членовите на Комисијата разменија идеи и аргументи како да се подобрат учебниците по историја и разменија неколку предлог-препораки кои остануваат основа за понатамошни разговори – информираа од македонското Министерство за надворешни работи.

Оттаму посочуваат дека следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 30 и 31 март годинава.

Последниот состанок на комисијата беше на 17 и 18 ноември, исто така во Софија. Главна тема беше улогата и местото на Охридската архиепископија и начинот на кој таа е претставена во учебниците за седмо одделение во Македонија.

Копретседателот од македонскиот дел на комисијата Драги Ѓоргиев, тогаш изјави дека на средбата имало позитивна и конструктивна атмосфера, меѓутоа договор не бил постигнат поради недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото.

Ѓоргиев минатата недела оцени дека последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на нејзината работа. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

– Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија – изјави Ѓоргиев.

Според него, како да има тенденција да се нарушува континуитетот на мирните периоди во македонско-бугарските односи. За тоа дали може да се дојде до решение за Гоце Делчев и за другите спорни прашања, тој смета дека во актуелните услови на заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот