Македонските фудбалерки само до бод против Молдавија во Лигата Ц за пласман на ЕП
Женската фудбалска сениорска репрезентација на Македонија одигра нерешено 1:1 против селекцијата на Молдавија во рамките на третото коло од Групата „2“ во Лигата Ц за пласман на Европско првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Нашите фудбалерки може да жалат за конечниот исход на оваа средба, со оглед на тоа што беа подобар противник на теренот и не успеаја да искористат неколку изгледни можности за погодок.
По првите 45 минути, Македонија беше противникот кој ја имаше иницијативата и поседот на топка, противникот беше насочен кон одбраната и се обидуваше да се закани по нашиот гол преку контра напади. Се заканивме во неколку наврати опасно по голот на Молдавија, но без реализација. Најопасни по голот на противникот беа Јилза Максути, Марјана Нацева и капитенот Наташа Андонова.
Во продолжението од средбата, Македонија преку Јилза Максути во 52 минута доаѓа во предност од 1:0. Радоста на нашите фудбалерки траеше кратко бидејќи Молдавија во 55 минута успеа преку Табур да го израмни резултатот.
На 4 јуни, на стадионот Зумру во Кишињев, со почеток во 19.00 часот, нè очекува нов натпревар со истиот противник во рамките на четвртото коло од квалификациите.