Македонскиот емо/пост-хардкор бенд „Ју“ се подготвува за голема европска турнеја
Емо/пост-хардкор бендот „Ју“ (Yöu) оваа пролет ќе оди на европска турнеја која опфаќа 13 концерти во осум земји во централна Европа и во регионот.
Препорачано
Турнејата почнува на 15 мај во Скопје, со концерт во „Буква“, на кој ќе настапи и кочанскиот бенд „Корка“, по што следува интензивен концертен циклус од 11 настапи во 11 дена низ Словенија, Италија, Германија, Австрија, Чешка, Хрватска и Србија. Финалниот настап е закажан за 6 јуни во Битола, на главната бина на метал-фестивалот под отворено небо „Метал дисчарџ“ (Metal Discharge).
Турнејата, која опфаќа патување од над 5.000 километри, е реализирана во соработка со „Атомик продукција“ и „Црнило букинг“ од Хрватска.
Формирани во октомври 2015 година во Скопје, „Ју“ ја темели својата музика на влијанијата од „ДЦ Револушн самер“ (DC „Revolution Summer“) сцената, DIY (направи сам) етиката и сивото секојдневие. Нивниот звук претставува спој на традиционалнo емо со елементи на блекгејз (blackgaze) и пост-метал, карактеризиран со динамични, но истовремено и мелодични гитарски линии, агресивен вокал и бескомпромисно цврста ритам секција.
Бендот го објави својот деби албум „Ви синг д блуз…“ (We Sing The Blues…) во 2017 година, по што следеа настапи низ Европа и Балканот. Во 2024 година, по промена во составот, го издадоа ЕП-то „Ривер оф саднес“ (River of Sadness), со кое го дефинираа актуелниот звук и правец. По серија фестивалски настапи и концерти во регионот, оваа турнеја претставува нивно враќање на европските сцени со нов материјал.
Критиката ги опишува „Ју“ како бенд со интензивен и емотивно набиен настап, кој комбинира атмосферичност со сурова енергија. Меѓу другото, „Абадон магазин“ (Abbadon Magazine) од Србија ги оценува како „брилијантен бенд“ со силно сценско присуство, додека „Д Платајпус зин“ (The Platypus Zine) од САД го истакнува нивниот баланс помеѓу атмосферични градации и агресивен израз.

Турнејата на „Ју“ ќе почне на 15 мај во Скопје, Македонија, со концерт во Буква“, а потоа ќе следуваат настапи во Љубљана, Словенија, на 21 мај, Модена, Италија (22 мај), Милано, Италија (23 мај), Тубинген, Германија (24 мај), Линц, Австрија (25 мај), Лајпциг, Германија (26 мај), Прага, Чешка (27 мај), Брно, Чешка (28 мај), Загреб, Хрватска (29 мај), Белград, Србија (30 мај), Нови Сад, Србија (31 мај) и во Битола, Македонија (6 јуни).


